Пратеничкото мнозинство го одби предлогот на пратеничката и претседателката на ЛДП Моника Зајкова за воведување електронска нараквица за сторители на семејно насилство. Од 97 регистрирани пратеници, само 27 гласаа „за“, со што предлогот не беше прифатен.
„Пратениците од мнозинството денес повторно избраа да бидат соучесници во насилството наместо превенција, одбивајќи го по вторпат предлогот за воведување електронска нараквица за следење на сторителите на насилство – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита. Предложените измени, покрај изречената забрана за приближување, бараат сторителот на себе да носи електронска нараквица која ќе ја предупредува жртвата дека истиот се приближува до одредено место, односно на одредена оддалеченост. Без збор. Без аргумент. А утре ќе изразуваат жалење за секој нов случај што не го превенирале“, ни изјави пратеничката Зајкова.
Зајкова на 5 март по вторпат го достави Предлог-законот за електронска нараквица со кој се овозможува заштита на жртвата. Eлектронската нараквица овозможува аларм на жртвата ако сторителот се наоѓа во нејзина непосредна близина.
На 5 март, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека смета оти институционалната превенција доживеала пораз, со оглед на фактот што во првите два месеца од 2026 година веќе се регистрирани четири случаи на фемицид. На пленарната седница во Собранието по повод Меѓународниот ден на жената, таа изнесе податоци според кои во текот на 2025 година имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест убиства.
А. АНТЕВСКА



