ПОТПИШАНИ СЕ 51 АНЕКС-ДОГОВОР И ПОТРОШЕНИ ПЛУС 2,1 МИЛИОН ЕВРА ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА ИЗГОРЕНАТА ЗГРАДА НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА

    ПОТПИШАНИ СЕ 51 АНЕКС-ДОГОВОР И ПОТРОШЕНИ ПЛУС 2,1 МИЛИОН ЕВРА ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА ИЗГОРЕНАТА ЗГРАДА НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЕКОЛОГИЈАРеконструкцијата првично е планирана да трае 18 месеци и да чини 6,6 милиони евра, но вредноста на основниот договор со анексите е зголемена за 2,1 милион евра или за 32%. (Фото: К. Попов)

    За реконструкцијата на објектот на Инспекторатот за животна средина во Скопје, поранешна Комерцијална банка, кој се запали во 2020, потпишани се 51 анекс-договор. Од првично предвидените 6,6 милиони евра со основниот договор, со новите анекси предвидени се уште 2,1 милион евра. Ова го покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во рамките на проектот „Јавен надзор над јавните набавки“.

    За споредба, за изградбата на автопатот Кичево-Охрид, кој се гради 15 години, потпишани се 9 анекс-договори.

    Реконструкцијата, првично планирана да трае 18 месеци и да чини 6,6 милиони евра, сè уште не е завршена по речиси три години од склучувањето на договорот.

    „Во текот на реконструкцијата, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и градежната компанија склучиле вкупно 51 анекс на основниот договор, од кои 10 во еден ден. Вредноста на основниот договор со анексите е зголемена за 2,1 милион евра, односно за 32% во однос на првично договорената сума, што е спротивно на Законот за јавни набавки, кој овозможува зголемување од максимум 20%. Во склучените анекси се евидентирани непредвидените работи во текот на градбата и појавените вишоци. Вредноста на основниот договор не е намалувана за кусоците, кои биле евидентирани, но не и пребивани со вишоците“, стои во истражувањето.

    Во меѓувреме, од СОЗР се бара да пронајде правна основа за пренамена на евидентираните кусоци од 1,1 милион евра и да ѝ се овозможи на градежната компанија „Бауер“ да ги користи за реализација на новопредвидените позиции од новите технички решенија и новиот проект за Противпожарна заштита во зградата. Законот за јавни набавки не овозможува пренамена на кусоците и нивно користење во новопредвидени позиции.

    „Со спроведените непредвидени работи од околу 1,2 милиони евра, градежни вишоци од 978 илјади евра и градежни кусоци од 1,1 милион евра, произлегува дека проектот за реконструкција на стариот објект на Комерцијална банка е менуван дури 49% од иницијалната проектна спецификација. Ваквото постапување е проблематично ако се има предвид ставот на Судот на правдата на ЕУ дека договорите за јавни набавки можат да претрпат измени кои не се значајни. СОЗР двапати се согласила на продолжувањето на рокот за градба, првиот пат до декември 2025 и вториот пат до јуни 2026. Со оглед на тоа што рокот за изградба на овој државен објект од 18 месеци од „воведување во работа“ бил услов утврден во тендерската документација, неговото менување претставува повреда на начелото на еднаков третман на економските оператори“, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

    Во периодот јануари-јуни 2026, односно само за шест месеци, „Бауер БГ“ треба да изведе 37% од предвидената реконструкција. Претходно, во 26 месеци извел само 63%. Иако договорот предвидува договорни казни во случај на доцнење од страна на изведувачот, СОЗР досега не презела активности за нивна примена со цел заштита на јавните ресурси.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира