ЖИВОТНИОТ ВЕК ВО МАКЕДОНИЈА Е ПЕТ ГОДИНИ ПОМАЛ ОТКОЛКУ ВО ЕУ, ЖЕНИТЕ ЖИВЕАТ 4,4 ГОДИНИ ПОВЕЌЕ ОД МАЖИТЕ

    ЖИВОТНИОТ ВЕК ВО МАКЕДОНИЈА Е ПЕТ ГОДИНИ ПОМАЛ ОТКОЛКУ ВО ЕУ, ЖЕНИТЕ ЖИВЕАТ 4,4 ГОДИНИ ПОВЕЌЕ ОД МАЖИТЕОчекуваниот животен век за периодот 2022-2024 бил 76,63 години, со тоа што животниот век на жените бил 78,86 години, а на мажите 74,48 години. (Фото: СДК.МК)

    Просечниот животен век во Европската Унија изнесува 81,5 години, додека во Македонија е 76,6 години. Оваа бројка се разликува од регион до регион, па така највисок очекуван животен век има во шпанскиот регион Комунидад де Мадрид – 85,7 години, а најмал е во северозападна Бугарија – 73,9 години.

    Жените на ниво на ЕУ се очекува да живеат 5,2 години подолго од мажите, додека во Македонија 4,4 години. Овој јаз значително варира помеѓу земјите од ЕУ, па така во Летонија се очекува жените да живеат 9,8 години подолго од мажите, додека најмал родов јаз има во Холандија – 2,8 години.

    Според податоците на Еуростат, во 2024 година очекуваниот просечен животен век при раѓање во ЕУ бил 81,5 години, што укажува на зголемување од 0,1 година во однос на 2023. Очекуваниот животен век се намали во 2020 (80,4 години) и 2021 година (80,1 години) поради пандемијата на ковид-19, но оттогаш се поправа и достигна вредности повисоки отколку во 2019 (81,3 години).

    На регионално ниво, четири региони имаат очекуван животен век од 85 години или повеќе: шпанскиот регион Комунидад де Мадрид (85,7 години), италијанските региони Тренто и Болцано и регионот на шведската престолнина Стокхолм, сите со 85 години.

    Меѓу петте региони на ЕУ со најнизок очекуван животен век при раѓање, три беа во Бугарија: Северозападен (73,9 години), Северен Централен (74,9 години) и Североисточен (75,4 години).

    Еуростат нема проценка на животниот век на населението во Македонија за 2024 година, додека според Статистичкиот годишник за 2025 година на Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век за периодот 2022-2024 бил 76,63 години, со тоа што животниот век на жените бил 78,86 години, а на мажите бил за 4,4 години помал – 74,48 години.

    Очекуваната должина на животот при раѓање бележи раст од 1,3 години споредено со периодот 2021-2023, кога изнесувала 75,32 години, односно 2,2 години споредено со периодот 2020-2022. Во 2021 е забележан пад на очекуваниот животен век во земјава за три години и пет месеци, во спроредба со 2018, кога изнесувал 76,7 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира