Доналд Трамп ги нападна сојузниците од НАТО поради недостиг на поддршка во војната со Иран, нарекувајќи ги кукавици.
„Без САД, НАТО е тигар од хартија“, напиша тој на својата социјална мрежа.
Трамп не се консултираше со главните американски сојузници пред да го нападне Иран, а потоа побара помош од нив во обезбедувањето на Ормускиот Теснец, низ кој минува една петина од светската нафта. На 15 март кажа дека ќе биде многу лошо за иднината на НАТО ако не помогне, за само два дена подоцна да порача дека на САД не им треба помош од никого.
Трамп вели дека сојузниците од НАТО не сакаа да се придружат на борбата против Иран, а се жалат на покачените цени на нафтата и гасот.
„Сега кога борбата е воено добиена, со многу мала опасност за нив, тие се жалат на високите цени на нафтата, но не сакаат да помогнат во отворањето на Ормускиот Теснец, едноставен воен маневар што е единствената причина за високите цени на нафтата. Толку лесно им е да го направат тоа, со толку мал ризик. Кукавици, нема да им заборавиме“, рече Трамп.
Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Јапонија и Канада излегоа со заедничко соопштение во кое изразија спремност да се придружат на напорите за обезбедување сигурен премин на бродовите низ Ормускиот Теснец, но притоа не ветија дека ќе испратат воени бродови на Блиски Исток, како што бараше Трамп. Германскиот канцелар Фридрих Мерц дополнително појасни дека за да се случи ова, прво треба да завршат борбите.



