Близу 4 милиони денари (околу 65. 000 евра) исплатила Општина Куманово минатата година на граѓани кои биле нападнати од кучиња скитници. Парите, од кои најниската суме е 280 евра, а највисоката 1.600 евра, се исплатени по правосилни судски пресуди што траеле повеќе години.
„По основ на каснување од куче, Општина Куманово во 2025 година исплатила 3.942.896 денари на 43 лица, заедно со сите адвокатски трошоци и казнени камати. Најниската оштета изнесува 17.500 денари, а највисоката 100.000 денари“, велат од Општината.
По основ на каснување од куче, Општина Куманово во 2024 година исплатила вкупно 2.540.956 денари (над 41.000 евра), а биле регистрирани 54 пријави во полицијата.
Во Куманово има наплив на кучиња скитници, од Градскиот плоштад и парковите, до приградските населби и селата, но никој не знае колкав е нивниот број. Постојат сомневања дека се носат и од други општини. Повеќето се мирни, но кога се движат во глутници, особено во период на парење, се случува да се агресивни. Често се напаѓаат и меѓу себе, што дополнително предизвикува страв кај граѓаните.
- СТОТИЦИ КАСНАТИ ОД УЛИЧНИ КУЧИЊА ГИ ТУЖАТ ОПШТИНИТЕ ЗА ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА, АКО НЕМА КАЗНИ ЗА НЕОДГОВОРНИТЕ СОПСТВЕНИЦИ ПРОБЛЕМОТ НЕМА ДА СЕ РЕШИ
- ИСТИ АДВОКАТИ СО ИДЕНТИЧНИ НАОДИ ОД ВЕШТИ ЛИЦА ПОДНЕСУВААТ ТУЖБИ ДО ГРАД СКОПЈЕ ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ ЗА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕ
Во Кумановската полиција, лани се евидентирани 59 пријави, од кои Општината добила нови 15 тужби. Во два случаи, исти граѓани пријавиле каснување од куче повеќепати.
„Најмногу напади имало во централното градско подрачје, но има и случаи во околните кумановски населби. Граѓаните се здобиле со телесни повреди“, вели Ивана Младеновска, портпаролка во СВР Куманово.
Адвокатката Драгана Илиевска-Тодоровиќ, која во моментот води повеќе предмети, вели дека граѓаните најчесто се добиваат рани од каснување, модринки и огреботини, но дека најтешки се психичките последици.
„Станува збор за страв, душевна болка и времено намалување на општата животна активност. Во мојата пракса имам случај на напад врз дете. Имајќи предвид дека детето е физички послабо, полесно е да биде совладано и да претрпи посериозни повреди, а од друга страна може да се појават и долготрајни психички трауми“, вели Илиевска-Тодоровиќ.
Во Куманово нема прифатилиште за бездомни кучиња, па Општината секоја година издвојува средства за нивно заловување и згрижување.
Од Секторот за инспекциски надзор велат дека минатата година биле издвоени еден милион денари (околу 16.000 евра), додека оваа година се предвидени 1,5 милиони денари (над 24.000 евра) за третман на кучињата скитници.
„Лани се заловени 76 кучиња, од кои 68 се стерилизирани, а 59 се вратени на улица по вакцинација, чипирање и извршен тест за социјализација“, велат од Секторот.
- ЗА 11 МЕСЕЦИ ОПШТИНА ВЕЛЕС ИСПЛАТИЛА РЕКОРДНИ 11,8 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НА ГРАЃАНИ КАСНАТИ ОД КУЧИЊА, КАСНАТО БИЛО ЦЕЛО СЕМЕЈСТВО, А ЕДНО ЛИЦЕ ЧЕТИРИ ПАТИ
-
ОПШТИНА БИТОЛА ЛАНИ ПЛАТИЛА 126.000 ЕВРА ОШТЕТА ЗА КАСНАТИ ОД КУЧИЊА, 7 ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД 2021 ГОДИНА
Илиевска-Тодоровиќ смета дека решението е во превенција и доследно спроведување на законите и зајакнување на одговорноста на надлежните институции, особено на Општините, за навремено и ефикасно управување со бездомните животни. Дополнително, потребно е јакнење на системот за регистрација и обележување на домашните миленици, со што би се намалил ризикот од нивно напуштање – еден од главните извори на појава на кучиња скитници.
„Општина Куманово троши значителни средства за обесштетување поради штети од кучиња скитници. Доколку се инвестира повеќе во превенција, би се намалил бројот на нови случаи, а со тоа и потребата од идни исплати. Така би се постигнал двоен ефект – заштита на граѓаните и поефикасно користење на јавните средства во насока на трајно решавање на проблемот“, вели адвокатката.
Граѓаните и здруженијата за заштита на животните сметаат дека со парите кои се плаќаат како оштета и оние за заловување, може да се најде похумано решение на проблемот со големиот број на напуштени животни кои гладни и болни талкаат по улиците. Пред секои избори политичарите ветуваат дека во Куманово ќе се отвори прифатилиште за напуштени кучиња, но засега само на хартија.
С. НИКОЛИЌ
Можеби ќе ве интересира и ова:



