ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ГО НАМАЛИ ДОЛГОТ ЗА ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА

    ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ГО НАМАЛИ ДОЛГОТ ЗА ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА

    Општата болница во Охрид во изминатиот период го намали својот долг за околу еден милион евра со преземените мерки за рационализација на трошоците и подобро финансиско управување.

    Стабилизирањето на дел од финансиската состојба на установата, според директорот Горан Маркоски, претставува важен чекор кон подобрување на функционирањето на болницата, обезбедување поквалитетни здравствени услуги и поголема сигурност за пациентите. Тој најави продолжување на активностите со цел дополнително намалување на обврските и долгорочна финансиска стабилност.

    Најголемиот дел од долговите биле за набавки на медицински материјали и лекови.

    „Точно пред година и половина долгот беше 170 милиони денари, нормално не може точно да се каже затоа што секогаш има тековни фактури и трошоци кои пристигнуваат. Во овој момент долгот изнесува 110 милиони денари или намален е за 1 милион евра кон побарувачите. Долговите се пред сѐ кон фармацевтските компании кон тие основни јавни набавки без кои болницата не би можела да функционира“, вели д-р Маркоски.

    Паралелно со намалувањето на обврските, болницата минатата година инвестираше и во набавка на нова медицинска опрема за помодерна дијагностика и поефикасен третман, а раководството најави дека ќе следат активности на реновирање и репарирање на одредени одделенија.

    „Во овој момент Одделението за лабораторија речиси е во завршна фаза на реконструкција и до средината на наредниот месец ќе добиеме едно од најсовремените одделенија за лабораторија во нашиот град со веќе набавената нова апаратура. Во моментов се реконструира надворешно, бидејќи објектот е стар и ништо не е сменето низ годиниве. Имаме проекти и за реконструкција на Нервното одделение, реконструкција и на Оделението за педијатрија, уредување на дворот и паркингот на установата, што исто така претставува еден голем проблем“, вели д-р Маркоски.

    На Одделот за геријатрија во изминатиот период беше реализирано комплетно реновирање со замена на подовите, санација и уредување на ѕидовите, како и промена на дограмата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира