СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА УБИЕЦОТ НА ОХРИЃАНЕЦОТ КЛИМЕ МИТРЕСКИ, ГО ЗАДАВИЛ СО ГОЛИ РАЦЕ ЗА ДА МУ ГО ЗЕМЕ ИМОТОТ

    СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА УБИЕЦОТ НА ОХРИЃАНЕЦОТ КЛИМЕ МИТРЕСКИ, ГО ЗАДАВИЛ СО ГОЛИ РАЦЕ ЗА ДА МУ ГО ЗЕМЕ ИМОТОТУбиениот Митревски беше сопственик на угостителскиот објект „Климентов конак” во стариот дел на Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Охридската полиција поднесе кривична пријава за Ж. Г. (53) од тетовското село Брвеница осомничен за убиството на 76-годишниот Климе Митрески од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Убиство по член 123 од Кривичниот законик. Убиениот Митревски беше сопственик на угостителскиот објект „Климентов конак” во стариот дел на Охрид. Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка.

    „На 25 март, осомничениот 53-годишник од тетовска Брвеница од користољубие лишил од живот едно лице. Делото го извршил во куќата на оштетениот во Охрид, со цел да го спречи сега починатиот Климе Митрески да го раскине договорот за доживотна издршка кој го склучиле кај нотар во февруари 2025 година. Според договорот, осомничениот по смртта на оштетениот требало да добие голем имот. Но оштетениот веќе презел дејствија за раскинување на тој документ. По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото. Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видеонадзор поставен во куќата на оштетениот, а во текот на претходната постапка обезбедени се и други снимки од видеонадзор за неговото движење, како и други материјални докази“,  соопшти Обвинителството.

    Од таму велат дека во конкретниот случај сомненијата упатуваат на особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а од извршувањето на делото осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите. Имајќи ги предвид овие околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, сокривање или уништување на трагите на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.

    „Осомничениот на 25.03.2026 година околу 18.30 часот, во домот на К. М. (76) од Охрид, предизвикал вербална расправија по што, искористувајќи згодна прилика, физички го нападнал а потоа со раце предизвикал негово задушување. СВР Охрид, по преземени мерки и координација со МВР и јавниот обвинител, вчера распиша централна потерница по што, во 17:20 часот во тетовското село Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово го пронајдоа сторителот и го лишија од слобода“, велат од СВР Охрид.

    На местото на настанот е извршен увид од надлежен јавен обвинител и полициски екипи, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт по што, по наредба на јавен обвинител, телото е предадено за обдукција.

    Од СВР Охрид велат дека против осомничениот за убиството во изминатиот период поднесена била една кривична пријава за говор на омраза искажана преку социјални мрежи кон една личност, по што биле преземени мерки за расветлување на делото кое било докажано.
    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира