ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај и сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница во Бугарија, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој, одговарајќи на новинарско прашање за критиките од опозициската СДСМ дека Владата ги предаде македонските национални интереси и стратешката определба да биде дел од Европа, рече дека СДСМ ги гледа евроинтегративните процеси исклучиво како распродавање на македонскиот национален идентитет. Бугарија ја блокира Македонија за почетокот на преговорите со Европската Унија (ЕУ).
„Тие се мекото ткиво на македонскиот идентитет и на тој начин ја загрозуваат целата онаа стратегија којашто ние како Влада ја градиме. За жал, следбениците на живковизмот во Бугарија денеска слават што имаат вакви политичари во Македонија коишто сè уште се активни, како луѓето од опозициската СДСМ, коишто мислат дека на овој начин ќе привлечат некакво внимание. Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не иде. Таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бива. А ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во било каква авантура сè додека нема јасен крај, прво, и второ, сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се помрднеме ниту милиметар. Ќе чекаме. Ако не ние, ќе го пренесеме на тие што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, и на тие што нив ќе ги следат. Македонскиот идентитет нема простор повеќе да биде распродаван“, рече Мицкоски на отварањето на Домот на културата „11 Октомври’ во Општина Гази Баба.
Со усвојувањето на т.н. „француски предлог“ во 2022, Македонија се согласи да го промени Уставот за да ги вклучи Бугарите (заедно со други заедници како Хрватите, Црногорците и Египќаните) во Преамбулата како дел од народите што живеат во државата. Според последниот Попис во 2021, како Бугари се изјасниле вкупно 3.504 граѓани. Според Преговарачка рамка за почеток напреговорите со Европската Унија, Македонија не може да ја одржи втората меѓувладина конференција (која практично го отвора првиот кластер поглавја) додека не се завршат уставните измени. За промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство (80 пратеници) во Собранието.



