Војната во Иран бара сериозен пристап што не треба да се менува секој ден, кажа Емануел Макрон, очигледно алудирајќи на контрадикторните изјави на Доналд Трамп.
„Ова не е шоу. Зборуваме за војна и мир, за животите на мажи и жени. Кога сакаш да бидеш сериозен, не кажуваш секој ден спротивно од она што си го рекол претходниот ден. И можеби не треба да збориш секој ден. Треба само да ги оставиш работите да се смират“, кажа Макрон.
Трамп и неговата влада постојано испраќаат мешани пораки за војната, па еден ден кажуваат дека прекин на огнот е блиску, друг дека САД веќе победиле, а трет дека продолжуваат и ги засилуваат борбите.
Соочен со пад на рејтингот и со притисок од некои сојузници да ги појасни своите воени цели на попрецизен и поконзистентен начин, Трамп тврди дека САД ги уништиле морнарицата и воздухопловните сили на Иран и ги осакатиле неговите ракетни и нуклеарни програми. Сепак, тој досега нема дадено конкретен план за намалување на конфликтот и дури најави уште посилни напади врз цивилната инфраструктура на Иран.
Трамп истовремено ги критикува сојузниците од НАТО зашто не ги поддржаа САД во војната и дури се закани со напуштање на западната воена алијанса.
„Партнерите потпишуваат договори и се појавуваат доколку избијат проблеми, наместо да коментираат за нив секој ден. Мислам дека има премногу брборење“, кажа Макрон.
Тој вели дека САД и Израел сами одлучиле да го нападнат Иран, додавајќи дека „тоа не е наша операција“.



