ПРВПАТ ПО 28 ГОДИНИ НИТУ ЕДЕН ПОЗИТИВЕН ДОПИНГ ТЕСТ НА ЗИМСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

    ПРВПАТ ПО 28 ГОДИНИ НИТУ ЕДЕН ПОЗИТИВЕН ДОПИНГ ТЕСТ НА ЗИМСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИДиректорот на Агенцијата за тестирање, Бенџамин Коен, вели дека падот на бројот на позитивни резултати се должи на засилените контроли пред почетокот на големите настани. (Фото: Икс/ИОК)

    На Зимските олимписки игри во Милано-Кортина, Италија, за првпат по речиси три децении не е забележан ниту еден случај на користење недозволени средства меѓу спортистите за време на натпреварувањата. Последен пат ваква ситуација имало на Игрите во Нагано, Јапонија во 1998 година.

    Меѓународната агенција за тестирање собра повеќе од 3.000 примероци од речиси 2.000 олимпијци. Иако досега нема пријавено прекршоци, надлежните велат дека е прерано игрите да се прогласат за целосно „чисти“, бидејќи примероците се чуваат 10 години за дополнителни проверки со нови технологии кои можат да се појават во иднина.

    За споредба, по Олимпијадата во Лондон во 2012 година беа повлечени 31 медал поради позитивни тестови кои беа откриени дополнително. Подоцна, извештајот на Мекларен откри дека Русија спроведувала државна програма за допинг во периодот од 2011 до 2015 година, што ги опфати и Игрите во Сочи.

    Директорот на Агенцијата за тестирање, Бенџамин Коен, вели дека падот на бројот на позитивни резултати се должи на засилените контроли пред почетокот на големите настани. Дури 92 отсто од учесниците во Милано-Кортина биле тестирани најмалку еднаш во шесте месеци пред почетокот на Олимпијадата. Коен објаснува дека денес системот е различен и дека спортистите се следат во најчувствителниот период кога се обидуваат да изборат норма за настап. Тој смета дека спортистите се свесни за овие контроли и затоа има помалку позитивни случаи за време на самото натпреварување.

    Во пресрет на игрите во Италија беше забележан случајот на доманата бијатлонка Ребека Паслер, која првично беше суспендирана поради позитивен тест на летрозол само четири дена пред почетокот. Таа поднесе жалба и по нејзиното усвојување ѝ беше дозволено да се натпреварува, а конечната одлука за овој случај треба да биде донесена на дополнително сослушување на италијанската анти-допинг агенција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира