Доналд Трамп објави дека ова е голем ден за светскиот мир откако САД и Иран, со посредство на Пакистан, се согласија на условно двонеделно примирје, проследено со отворање на Ормускиот Теснец. Трамп во последен момент уште еднаш го одложи својот ултиматум до Иран откако вчера се закани со „уништување на цела цивилизација“ ако Техеран не прифати договор.
„Иран сака тоа да се случи, доста им е! Исто така, и на сите други. САД ќе помагаат во зголемувањето на сообраќајот во Ормускиот Теснец. Ќе има многу позитивни акции. Ќе се заработат големи пари. Иран може да го започне процесот на реконструкција. Исто како што ја доживуваме во САД, ова би можело да биде златна доба на Блискиот Исток“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
И тој и Белата куќа го прогласија примирјето за голема победа на САД.
„Нема сомнение дека САД остварија целосна и комплетна победа. Збогатениот ураниум на Иран ќе биде совршено згрижен според договорот“, рече Трамп, без да даде детали за тоа.
Запрашан дали ќе ги обнови своите закани за уништување на цивилните електрани и мостови на Иран ако договорот пропадне, тој рече: „Ќе мора да видите“.
Неколку часа по објавувањето на договорот, Израел кажа дека го поддржува примирјето, но додаде дека тоа не го вклучува Либан.
„Израел ја поддржува одлуката на претседателот Трамп да ги суспендира нападите врз Иран на две недели, под услов Иран веднаш да го отвори Теснецот и да ги запре сите напади врз САД, Израел и земјите во регионот. Израел, исто така, ги поддржува напорите на САД да се осигура дека повеќе нема да има нуклеарна, ракетна и терористичка закана од Иран. Двонеделното примирје не го вклучува Либан“, соопшти израелската влада.
И иранската влада и иранските медиуми го прогласија прекинот на огнот за голема победа на режимот. Врховниот совет за национална безбедност кажа дека Иран ги постигнал речиси сите свои цели во оваа војна и дека непријателот се соочува со историски неуспех. Оттаму додаваат дека преговорите САД-Иран ќе се одржат во главниот град на Пакистан, Исламабад, во рок од 15 дена.
Според иранските медиуми, САД го прифатиле иранскиот план од 10 точки, кој, меѓу другото, вклучува гаранции дека агресија врз Иран нема да се повтори, исплата на отштета на Иран, укинување на сите примарни и секундарни санкции, повлекување на американските борбени трупи од регионот и задржување на контролата врз Ормускиот Теснец.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави дека Иран ќе се согласи на прекин на огнот доколку запрат нападите врз Иран.
„Во период од две недели ќе биде можно безбедно минување низ Ормускиот Теснец. Ова ќе се случи во координација со вооружените сили на Иран и со должно внимание на техничките ограничувања“, кажа тој.
Илјадници луѓе се убиени низ Блискиот Исток во војната со Иран што започна на 28 февруари со нападите на САД и Израел врз Иран.
ИРАН: Групата за човекови права со седиште во САД, ХРАНА, соопшти дека 3.636 лица се убиени од почетокот на војната. Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина соопшти дека најмалку 1.900 лица се убиени.
ЛИБАН: Либанските власти велат дека 1.530 лица се убиени во израелските напади од 2 март, вклучувајќи најмалку 129 деца. Во меѓувреме, тројца мировници на Обединетите нации од Индонезија беа убиени во два одделни инциденти во јужен Либан.
ИРАК: Најмалку 117 лица се убиени од почетокот на кризата, според ирачките здравствени власти.
ИЗРАЕЛ: Ракети лансирани од Иран и Либан убија 23 лица во Израел, според израелската служба за брза помош. Израелската војска соопшти дека 11 нејзини војници се убиени и во јужен Либан.
САД: Тринаесет припадници на воената служба се убиени, а повеќе од 300 се ранети, соопшти Централната команда на САД.
Уште вкупно над 30 луѓе загинаа во ОАР, Катар, Кувајт, Западниот Брег, Сирија, Бахреин, Саудиска Арабија и еден француски војник во напад со дрон во северен Ирак.



