Ацо Ристов е нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). На денешната собраниска седница Ристов беше избран со 68 гласа „за“ и 15 „против“. Ристов беше градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од 2021 до 2025 година, а до пред еден месец беше сопственик компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали. Откако беше предложен за претседател на Регулаторната комисија, ја отстапи на друго лице неговата компанија.
„Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно работно и проектно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи. Искусен менаџер со докажана експертиза во управување со комплексни градежни, енергетски и индустриски проекти, вклучително хидроелектрани, електроенергетски системи, пречистителни станици, пумпни системи и индустриска инфраструктура. Поседува силни компетенции во проектен менаџмент, техничка координација, надзор и стратешко планирање. Ристов е член на Комората на овластените архитекти и овластените инженери на Македонија со овластување А за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва категорија“, се вели во Предлог-одлуката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Пратенците од опозицијата оценија дека ВМРО-ДПМНЕ предложила партиски кадар за претседател на РКЕ, а од власта рекоа дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на функцијата.
Амар Мециновиќ од Левица рече дека Ристов не може да биде независен во раководењето на РКЕ затоа што, како што кажа, е близок соработник на премиерот. Тој најави дека ќе го оспори назначувањето на Ристов со формална претставка до Европската енергетска заедница, затоа што „ги нарушува критериумите на ЕЕЗ и не е независен, туку директно политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ“.
Митко Трајчулевски од СДСМ рече дека Ристов е поранешен градоначалник и оти доаѓа од бизнис-секторот како сопственик на мали хидроцентрали, од што се откажува пред да конкурира за позицијата во РКЕ.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПНЕ рече дека ставовите на СДСМ не се во насока на тоа дали кандидатот е квалитетен или не. Истакна дека претседателот на РКЕ се бира исклучиво според Законот за енергетика и оти Ристов ги исполнува сите можни услови што се наведени во законот.
Поранешниот претседател на РКЕ, Марко Бислимовски, поднесе оставка од функцијата на 12 февруари годинава.
