Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вчера на својот фејсбук профил најави дека почнува одгасување на депонијата Вардариште. Најавата доаѓа еден ден откако депонијата, лоцирана на 6,5 километри далечина од Владата, повторно беше запалена и гореше.
На почетокот на работите на депонијата, која претставува една од главните проблеми во Скопје и лани цело лето го загадуваше градот, не беа повикани медиуми. Од Град Скопје испратија соопштение со слики од посетата на депонијата заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски.
„Започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што претставува значаен чекор кон нејзино целосно затворање и трансформација во современ мега парк. Во рамки на активностите, мапирани се 22 бунари за собирање на отпадните гасови, од кои ќе се земаат примероци за анализа во сертифицирани лаборатории, со цел утврдување на нивниот состав и количина. Паралелно се спроведува и темелно површинско расчистување на локацијата.Со реализацијата на овој проект, Вардариште ќе стане зелен простор од околу 300.000 метри квадратни, наменет за рекреација, спорт и подобрување на квалитетот на животната средина“, стои во соопштението од Град Скопје.
- ПАК ГОРИ СКОПСКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА ВАРДАРИШТЕ, АКО НЕМА ТРАЈНО РЕШЕНИЕ ЌЕ ИМА БЛОКАДИ
- ПОСЛЕ БОЖИЌ ЌЕ ПОЧНЕ ПОВРШИНСКО ЧИСТЕЊЕ НА ДЕПОНИЈАТА ВАРДАРИШТЕ, ОДГАСНУВАЊЕ ВО АВГУСТ
Оттаму додаваат дека проектот предвидува и изградба на нов мост кој ќе ги поврзе општините Гази Баба и Аеродром, со што дополнително ќе се подобри сообраќајната поврзаност во градот.
На 3 јануари, граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ која ги предводеше повеќемесечните протести во Аеродром поради честото палење, објави дека на состанокот на 30 декември градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски им ветил дека Божиќ ќе почне површински да се чисти депонијата. Им било речено дека депонијата ќе ја чистат екипи на ЈП „Улици и патишта“ и механизација од Општина Гази Баба, а ќе бидат ангажирани и приватни фирми.
- ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“ Е НА 6,5 КМ ОД ВЛАДАТА, СЕДМИ ДЕН ГОРИ ИАКО ПОЖАРОТ Е ПОД КОНТРОЛА
- СИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЈАВНО ДА ВЕТАТ ДЕКА ИТНО ЌЕ ЈА РЕШАТ ЕКО-БОМБАТА СО ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“, ПОВИКА ИНИЦИЈАТИВАТА О2
Ѓорѓиевски во својата изборна кампања вети дека на местото на Вардариште во неговиот мандат ќе направи мега парк.
А. АНТЕВСКА



