Драмскиот театар од Скопје вечерва слави 80 години од основањето со праизведбата на текстот на Венко Андоновски „Мачкина глава“, во режија на Дејан Пројковски.
„Ако се погледне што сѐ овој театар исфрил, и како естетски предзнак, и како режисери, писатели, сценографи, костимографи, тоа е еден град. Тоа е еден мал град на луѓе кои живеат овде. За текстот ќе кажам дека живееме во луд свет, односно во свет кој страда од шизофренија. Порано шизоморфијата се негуваше на индивидуално ниво, во овој свет, таа очигледно станува колективна појава. Војните се враќаат, а тие се секогаш знак на шизоморфија или шизофренија. Тој свет не заслужува никаков друг коментар освен театарска претстава“, рече Андоновски на денешната прес-конференција.
Андоновски кажа дека неговата „Мачкина глава“ е всушност еден крик над овој свет. Текстот е пишуван пред почетокот на војната меѓу Русија и Украина.
„Ги разликуваме мачките, се разбира, меѓутоа сите имаат иста физиономија и освен мјаукањето, ништо друго како јазик од нив не можете да чуете. Ми се чини дека планетата се претвора пополека во една таква мачкина глава која апсолутно нема свој јазик. А кога нешто нема свој јазик, станува бесловесно. Се обидов, врз основа на нашиот голем гениј и претходник Горан Стефановски, да се прашам: кога сега Горан би го пишувал ‘Диво месо’, дали воопшто тоа би било можно? Ги задржав основните драмски конфликти, направив еден вид постмодерна рециклажа, но овде има и многу индивидуални содржини. Светот многу се измени од времето кога Горан го правеше своето ‘Диво месо’. Во текстот успеав да фатам контури, разочарувачки е тоа што она што Горан го кажа во ‘Диво месо’, сега е десеткратно зголемено и потрагично“, кажа Андоновски.
Пројковски досега во Драмскиот театар ги има поставено претставите „Падот на невиноста“, „Јонадаб“, „Хамлет“, „Генетика на кучињата“, „Кармен“, „Падот на Масада“.
„Претставата започнува со основната идеја што ја кажа и Венко: ‘Дали е можно денес да се напише ’Диво месо‘ и како би изгледало тоа? Тоа е голема референца и точка во македонскиот театар, една од идентитетските точки. Од таа почетна тема, претставата продолжува да прави деконструкција на „Диво месо“ и се обидува преку тој текст да ги види работите денес. Театарот, за разлика од животот, ја има таа среќа и можност да ги пробува новите општествени форми и системи без ниту една капка крв. Тоа е клучната разлика, во животот, сите вежби за нови концепти завршуваат со многу тони крв и многу детски солзи“, кажа Пројковски, кој ја режираше и претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МНТ“ со која на 29 декември лани се прослави 80-годишнината на Македонскиот народен театар (МНТ).
Играат Рубенс Муратовски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Сара Климоска, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Златко Митрески и Предраг Павловски.
Директорот на Драмски, Роберт Вељановски, рече дека 80 години е огромен јубилеј за македонскиот театар, огромен јубилеј за македонската култура. Тој кажа дека Драмскиот театар е најрелевантната македонска театарска куќа, докажано со освоени награди и признанија во бившата федерација, сè што било можно да се освои, го има освоено Драмски театар. Драмскиот театар, исто така да не зборувам за она што е фестивал или награда во Република Македонија.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, скулптор е Ангел Петровски, музиката на Горан Трајкоски.
Б. НЕСТОРОСКА



