РАБОТОДАВАЧИТЕ ДА ГИ ПОЧИТУВААТ ПРАВАТА НА ТРУДНИЦИТЕ И МАЈКИТЕ И ДА НЕ ГИ БРКААТ ОД РАБОТА, БАРА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ПО ЗАЧЕСТЕНИТЕ ОТПУШТАЊА

    РАБОТОДАВАЧИТЕ ДА ГИ ПОЧИТУВААТ ПРАВАТА НА ТРУДНИЦИТЕ И МАЈКИТЕ И ДА НЕ ГИ БРКААТ ОД РАБОТА, БАРА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ПО ЗАЧЕСТЕНИТЕ ОТПУШТАЊАКомисијата му препорачува и на Собранието да ја разгледа можноста за унапредување на законската рамка во областа на работните односи со цел зајакнување на правната заштита на работничките за време на бременост, раѓање и мајчинство. (Фото: К. Попов)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) им препорачува на работодавачите од јавниот и од приватниот сектор да  ги применуваат законите за заштита на работничките за време на бременост, раѓање и мајчинство и да се воздржат од практики кои доведуваат до нивен нееднаков или понеповолен третман при бременост, раѓање и мајчинство во остварувањето на правата од работен однос.

    Оваа Општа препорака која ја донесе Комисијата, како што велат оттаму, произлезе од фактот што во повеќе предмети утврди директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол и род во врска со бременост, раѓање и мајчинство во областа на работата и работните односи.

    САКАМДАКАЖАМ.МК изминатиов период објави десетина случаи на утврдена дискриминација врз трудници и мајки кои биле избркани од работа или поради бременост или поради обврски за чување деца.

    Во последниот случај објавен на 8 април, Комисијата утврди дека ректор на приватен универзитет во Скопје извршил директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род, бременост и мајчинство во областа на работните односи врз скопјанка.

    „Работата ми беше прекината поради бременост и мајчинство, истата година кога добив награда за исклучителни академски достигнувања, по завршени докторски студии“, ни рече тогаш скопјанката и додаде:„Она што јас го преживеав во осмиот месец од бременоста не сакам да го доживее ниту една жена, а богами ниту еден маж – во улога на сопруг, татко, иден татко. Токму затоа и ја покренав постапката, иако се сомневам дека ќе влијае врз ‘искусниот дискриминатор’ кому ова му е трето вакво поведение поради што и квалификаторно е уште потешка – повторена дискриминација. Јас денес, сепак, сум неизмерно среќна благодарение на Бога пред сè, со поддршка од семејството, пријателите и гинеколошкиот тим, да ја држам во раце мојата ќерка“.

    Од Комисијата велат дека согласно член 13 од Законот за спречување и заштита од дискриминација интерсекциската дискриминација се смета за потежок облик на дискриминација.

    „Комисијата му препорачува и на Собранието на Република Северна Македонија да ја разгледа можноста за унапредување на законската рамка во областа на работните односи со цел зајакнување на правната заштита на работничките за време на бременост, раѓање и мајчинство. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата има законска надлежност да го следи спроведувањето на општите препораки што ги упатува по сопствена иницијатива“, стои во соопштението.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира