САКАВМЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДА СЕ ЗАГРЕВА СО ПУМПИ НА ВОДА, АМА НЕМА ПРИТИСОК, РЕЧЕ ПРОЕКТАНТОТ МУЧА

    САКАВМЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДА СЕ ЗАГРЕВА СО ПУМПИ НА ВОДА, АМА НЕМА ПРИТИСОК, РЕЧЕ ПРОЕКТАНТОТ МУЧАМинистерот за култура Зоран Љутков рече дека Универзална сала ќе биде готова до крајот на 2027, а првиот настан ќе се одржи на почетокот на 2028 година. (Фото: К. Попов)

    Реконструираната Универзална сала нема да биде приклучена на централно парно греење во Скопје туку ќе биде климатизирана. На денешниот увид на градежните работи, проектантот Бујар Муча од „Мегарон инженеринг“ кажа дека сакале да постават систем на загревање и ладење со пумпи но вода, но тоа не било можно оти нема притисок. По ова, премиерот Христијан Мицкоски праша зошто објектот не се поврзе на парно греење и на тој начин трошоците за струја ќе бидат помали.

    „Ако се поврзе на парно нема да има греење после 22 часот, а знаеме дека настаните траат и до полноќ. Но, сепак ќе размислиме за овој ваш предлог“, рече Муча.

    Реновирањето на опожарената Универзална сала стартуваше минатата недела, а тендерот вреден 19 милиони евра го доби фирмата „Универзал Балкан“ односно истата со која беше склучен договор во 2021, а пред две години беше раскинат.

    Министерот за култура Зоран Љутков рече дека Универзална сала ќе биде готова до крајот на 2027, а првиот настан ќе се одржи на почетокот на 2028 година.

    Со новиот тендер нема никакви измени на проектот, односно тој останува ист. Со проектот ќе се задржи постојната форма и габарит и се зачувува духот на Универзална сала. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена. Ќе се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита.

    Со проектот за внатрешноста, кој во моментов се прави, ќе се реши и најгорливиот проблем на салата, немање фоаје. Проектот предвидува префрлање на санитариите на друга страна и на сметка на тоа се зголемува фоајето. Се прави внатрешна реорганизација на просторот и нов распоред на седиштата кои сега се тесно поставени, односно ќе се намали бројот од 1.500 на 1.100 или 1.200.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира