Европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, изјави дека Македонија не постигнала никаков напредок во реформите во последната година и оти може да изгуби 47 милиони евра од ЕУ, а на новинарско прашање да ја коментира оваа изјава, премиерот Христијан Мицкоски денеска рече: „Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Томас Вајц, напротив извештајот што го имам слушнато јас е комплетен антипод од вашите прашања“. Мицкоски ова го рече на денешниот увид на градежните работи за обнова на Универзалната сала во Скопје.
Вајц во интервјуто за „Еурњуз.бг“ изјави: „За жал, засега не гледам дека се преземени потребните реформи. Во овој момент не гледам политичка волја од страна на Владата да се ангажира сериозно, посебно кога станува збор за владеењето на правото и независноста на судството. Ако Северна Македонија не ги спроведе потребните реформи, 47 милиони евра нема да одат кај неа, туку кај соседните земји“.
На прашањето кои се главните реформи кои треба Македонија да ги спроведе за да постигне напредок во преговорите за пристапување кон ЕУ, Вајц во инервјуто рече: „Најважните реформи за пристапување кон ЕУ, но и за самата земја, се сите реформи во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата, обезбедувањето независно судство кое ќе гарантира правда за граѓаните, но и за бизнисите. Тоа е важно и за развојот на земјата. Без ЕУ, ако немате соодветно ниво на владеење на правото, нема да привлечете странски инвеститори кои би инвестирале во вашата земја. Затоа ова е клучно прашање. И да, корупцијата е рак во нашите општества, но и во ЕУ. И во мојата држава сè уште се бориме со корупцијата. Прашањето е дали имаме институции, дали имаме законодавство, дали имаме власти кои се способни, имаат волја и политички простор да дејствуваат за да се борат против корупцијата или не. И сè уште треба да видиме подобрувања во оваа насока од страна на Северна Македонија и македонската влада. Тоа е исто така јасно наведено во извештајот“.



