Од 87.128 лица кои теренски беа проверувани, 37.435 лица не биле пронајдени дома, покажуваат податоците од теренската проверка на спорните гласачи на Државната изборна комисија.
Членовите на ДИК од СДСМ сметаат дека избирачкиот список не е прочистен, додека за членовите од ВМРО-ДПМНЕ останува само уште малку работа.
Виолета Дума вели дека прочистени се само починатите лица, а за другите сè уште се врши процена во МВР.
– Нашата работа не е целосно завршена. Ако вечер се распушти Собранието, утре МВР ќе мора до ДИК да достави избирачки список. Со кои податоци ќе располага? Со старите, затоа што проверката сè уште не е завршена – рече Дума.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ смета дека ДИК успешно ја завршила работата за да нема спорен ниту еден гласач.
– Предлагам на МВР да му се даде рок од три дена да ги провери спорните гласачи, за што сметам дека може да се заврши. Исто така, предлагам МВР да ги провери и тие 107.453 спорни гласачи за кои се тврди дека се иселеници за да не се манипулира дека не се проверени. Сето тоа многу бргу може да се провери – рече Бонева.
Седницата на ДИК сè уште трае, а расправата е тензична и со постојани дофрлувања и навреди.