ОЧЕКУВАМ АТМОСФЕРАТА СО БУГАРИЈА ДА СЕ ВЖЕШТИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ НА ПАНИХИДАТА ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО СКОПЈЕ

    ОЧЕКУВАМ АТМОСФЕРАТА СО БУГАРИЈА ДА СЕ ВЖЕШТИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ НА ПАНИХИДАТА ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО СКОПЈЕОчекувам атмосферата да се вжешти, затоа што сè уште имаме структури и политички, но и општествени кај нас дома, коишто се подготвени да коленичат пред бугарските власти, рече Мицкоски. (Фото: К.Попов)

    Премиерот Христијан Мицкоски не очекува да се променат односите со Бугарија по убедливата победата на изборите на поранешниот претседател Румен Радев.

    „Не очекувам воопшто да се промени атмосферата. Напротив, очекувам истата таа атмосфера да се вжешти, затоа што сè уште имаме структури и политички, но и општествени кај нас дома, коишто се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Сè додека има такви политички структури и општествени сили, јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед. Но, ние како Влада сме секогаш подготвени за билатерални и мултилатерални разговори и да ги соочиме нашите аргументи. И се разбира, оние аргументи коишто ќе преовладаат, ние сме подготвени да ги прифатиме, исто како што очекуваме дека и спротивната страна ќе ги прифати нашите аргументи ако преовладаат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по панихидата за смртта на Гоце Делчев.

    Мицкоски кажа дека има и такви земји коишто, го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев.

    „Во 21-от век сè уште македонскиот народ се соочува со овие предизвици за коишто не би требало да се соочува. И за жал, наместо да се бориме за заедничка иднина, за подобра иднина, ние сè уште отвораме прашања од минатото, и за жал дел од тие прашања се со своите корени во средниот век“, рече Мицкоски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира