Хрватската музичка дива Тереза Кесовија, која остави силен белег во музичката историја на цела бивша Југославија го одржа првиот од двата проштални концерти на сплитскиот стадион „Стари плац“.
Со Кесовија пееше публиката која со децении ја следи, и помлади што сега ја запознаваат нејзината постара музика. Интересот беше огромен, билетите се распродадоа во рекорден рок, а некогашниот дом на фудбалскиот клуб „Хајдук“ беше претворен во интимна сцена за нејзиното големо збогување со Сплит.
По најавата на водителката Мирта Шурјак и скандирањето „Тере, Тере“, Кесовија излезе на сцената со помош на двајца млади членови на КУД „Филип Девиќ“, потпирајќи се и на бастум. Ја пречека долг аплауз и овации од преполниот стадион.
Концертот го отвори со „Каде што има срце, тука сум и јас“ (Gdje ima srca, tu sam i ja), по што следуваа нејзините безвременски хитови. Со топли зборови ја поздрави публиката во Сплит, градот што, како што рече, ѝ дал сигурност и ја научил што значи да се има цврста врска со публиката.
„Го сакам ‘Хајдук’. Го сакам секој човек што се бори со душа, тело и ум“, рече Тереза со препознатливата непосредност.

Кесовија излезе на сцената со помош на двајца млади членови на КУД „Филип Девиќ“, потпирајќи се и на бастум (Фото: Кропикс)
Особено емотивен момент беше присуството на нејзиниот син Алан Унгар и снаата Љиљана Унгар, кои од првите редови ја следеа вечерта со гордост.
Поради огромниот интерес, концертот првично планиран во Хрватско народно казалиште беше преместен на „Стари плац“, каде што беа обезбедени услови за околу три илјади публика.
Вечерта во Сплит беше нежна, но силна завршница на една голема музичка приказна, исполнета со носталгија и длабока поврзаност меѓу уметницата и нејзината публика.
Кесовија најави дека финалното збогување ќе го има на 3 октомври во Загреб, на својот 88. роденден.



