Завршната физибилити студија за претворање на Пелистер во четирисезонски туристички центар, со гондола од селото Цапари преку Ловечка куќа до Антена и со сите пропратни содржини, покажа дека ќе чини над 58 милиони евра. Експертите од странство кои ги презентираа завршните заклучоци и предлози во Битола велат дека ова е голема инвестиција која ќе го претвори Пелистер не само во регионален, туку и во национален туристички центар, па за реализација неопходно е со пари да помогне и државата. Сметаат дека инвестицијата преку развој на туризмот ќе се врати за неколку години.
„Нашиот предлог е да се тргне од подрачјето на Цапари со една гондола за 10 лица, која ќе стигнува до Ловечка куќа, а оттаму да оди една поголема гондола за 80 лица до врвот Пелистер. На меѓустаницата ќе има мал објект за бар, а поголем на врвот на планината, каде гондолата ќе кружи околу објектот на Радиодифузија, па ќе се добие поглед од сите страни на Пелистер од 360 степени. Оваа инфраструктура ќе може да се користи во сите четири годишни времиња“, рече експертот за жичници Франц Фурлани.
Патеката на гондолата ќе биде долга 6 километри, а ќе се стигнува за 16 минути и 10 секунди. На врвот ќе има место за бар, брза храна и јавни тоалети. Проектот ќе значи развој на нови туристички објекти кај Цапари, каде се предвидува паркинг на 4.000 квадратни метри за 300 автомобили и 15 автобуси. Се претпоставува дека дневно максимален број на продадени билети за гондолата ќе биде 543.
Иван Чулакоски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, иницијатор за изградба на гондола на Пелистер во 2023 година со рута Трново-Молика-Антена, вели дека пари можат да се обезбедат доколку се има предвид колку многу се потрошија во државата за проекти од кои нема полза.
„Таа сума ако ја споредиме со парите што се украдоа од државата, кои се вложија во‘Скопје 2014‘ и слични такви проекти од кои немаме никаков бенефит, не е многу. Морам да потсетам и дека од Битола имаме пет пратеници во Скопје, кои можат да лобираат државата да издвои средства за заеднички да изградиме барем еднаш нешто за Битола“, рече Чулакоски.
- ЗЛАТНА ГОНДОЛА КАКО НА ЗЛАТИБОР ЌЕ ГО СПАСУВА ТУРИЗМОТ НА ПЕЛИСТЕР, ОПШТИНА БИТОЛА ОДВОИ 65.000 ЕВРА ЗА СТУДИЈА
- БИТОЛСКИОТ СОВЕТНИК ЧУЛАКОСКИ ПО КОСТУМ СЕ СПУШТИ ОД ПЕЛИСТЕР НА ШТИЦА ЗА СНОУБОРДИНГ БАРАЈЌИ ОПШТИНАТА ДА ЗАПОЧНЕ ИЗРАБОТКА НА ПРОЕКТОТ ЗА ГОНДОЛА
Проектот предвидува туристичките објекти да се градат во Цапари, а низ паркот да минува гондолата, но да нема влијание врз природата.
„Финалната верзија е во рамки на светските трендови за развој на екотуризам. Туристички и економски зони ќе се развиваат надвор од паркот, додека само активниот туризам, кој значи минимално влијание врз природата, останува внатре во паркот. Дел од светските трендови е и тоа што ова ќе биде центар за развој на туризмот во четири сезони, нема веќе да делиме зимски и летен туризам“, рече Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк Пелистер.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, рече дека ова не е само локален и регионален проект, туку би требало да биде и национален, зашто значи многу за рззвојот на првиот национален парк во Македонија.
„Ќе слушнеме што имаат експертите да ни кажат, останува потоа една подолга фаза доколку Советот и градот одлучат да се продолжи понатаму со планската документација, која е доста сериозна и она што е основно, обезбедување финансиски средства. Да слушнеме, па ќе размислиме што понатаму“, рече Коњановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



