ЕВРОАМБАСАДОРОТ РОКАС ЈА ПОКАНИ ТИНА РУСЕВA, ПОБЕДНИЧКА НА „ГЛАСОТ НА ЕВРОПА“ ДА ДОЈДЕ ОД ГЕРМАНИЈА ДА ЈА ИСПЕЕ МАКЕДОНСКАТА ХИМНА НА ПРИЕМОТ ЗА ДЕНОТ НА ЕВРОПА

    ЕВРОАМБАСАДОРОТ РОКАС ЈА ПОКАНИ ТИНА РУСЕВA, ПОБЕДНИЧКА НА „ГЛАСОТ НА ЕВРОПА“ ДА ДОЈДЕ ОД ГЕРМАНИЈА ДА ЈА ИСПЕЕ МАКЕДОНСКАТА ХИМНА НА ПРИЕМОТ ЗА ДЕНОТ НА ЕВРОПАРусева дојде од Германија во Скопје специјално за приемот во чест на Денот на Европа. (Фото: Министерство за култура)

    Пејачката Тина Русева, победничката на музичкиот натпревар „Гласот на Европа“ ја пееше македонската химна на приемот по повод Денот на Европа во Скопје. Струмичанката, која со семејството живее во Германија, поканата да настапи на дипломатскиот прием ја доби од амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас.

    Русева веќе десетина години живее во Леверкузен, Германија, а годинава победи на музичкиот онлајн натпревар „Гласот на Европа“. Стана позната за македонската јавност по маестралните настапи на музичкото шоу. Девојчето од Струмица која ја знаеја од детскиот фестивал „ЈоЈо“ каде победи и беше постојано меѓу најдобрите, прерасна во вистинска музичка ѕвезда.

    „Мислам дека со музика сум родена. Инаку јас бев чудното девојче кое прво кога стануваше пееше, а чешелот за косата ѝ беше микрофон, па потоа ги миеше забите и лицето. Моите родители можеби беа правецот, но одлуката за музика беше моја. Сакам одлуките да бидат мои, независно од тоа што моите родители се музичари. Да, тие ми помагаат, но сакам да бидам своја и самостојно да го градам својот музички пат“, ни изјави Русева која последниов период е на релација Македонија – Германија.

    Русева пред настапот беше на прием кај евроамбасадорот Рокас. (Фото: Принтскрин од видео)

    Таа потекнува од музичко семејство. Мајка ѝ Верица беше вокал на некогашната фолк група „Пицикато“, додека татко ѝ Љубе тапанар на групата „Интервали“. Кога таа имаше 11 години заминаа за Германија, иако Тина веќе имаше освоено неколку детски фестивали и со радост одеше во музичкото училиште „Боро Џони“. Паралелно беше втора и на фестивал во Белорусија. И кога сите мислеа дека музички ќе се надоградува во Македонија, тие заминаа во Германија.

    „Кога заминав во Германија јас почнав од нула. Не знаев ниту јазик, ниту каде си и што си. Но, сфатив дека мора сама да се изборам, а паралелно да се надоградувам со музика. Цели четири години го усовршував јазикот и тамошниот живот, а станот беше мојата концертна сала. Потоа почнав да одам по музички работилници, академии и бев упорна. Љубовта кон музиката ме одржуваше во тие моменти“, вели Тина за првите години од животот во Германија.

    Во тој период го гледала музичкото шоу „Гласот на Германија“ и си ветила дека еден ден ќе стапне на таа сцена. По многу селекции, чекања, адреналин, надеж, успеала од пријавените илјадници кандидати да се најде меѓу десетиците кои ќе се појават на сцена и телевизија.

    „Бев изненадена како ме прифатија Германците во оваа музичко шоу. Не е мала работа од илјадници пријавени да те изберат заради вокалните способности. Се трудев. Се сеќавам дека често го нарушував редот на зградата каде што живеевме, па ни реагираа соседите, бидејки мораа да одмараат, а јас вежбав. Прво мислеа дека тоа го правам од хоби, но откако ме видоа на ‘Гласот на Германија’ ми дадоа поддршка и сфатија дека ја сакам музиката“, вели пејачката.

    Периодов таа држи часови по пеење од понеделник до петок во Германија, а преку викендите работи во „Мекдоналдс“. Работи и на авторска музика. Сака македонскиот мелос да го вметне во светската музика. Паралелно сака да биде менаџер за организација на настани.

    Секогаш  е насмеана. За себе сака да каже дека е позитивна, искрена, храбра, трудољубива, поврзана со своите, луда девојка која сака песна во својот дом. Пее и во кујната каде сака да прави мали сарми, да готви тестенини со разни сосови и се обидува да направи и македонско тавче гравче.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира