Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда со која утврди индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација врз индивидуалните земјоделки. Тие се дискриминирани во остварувањето на правото од областа на здравствено осигурување – право на надомест на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство и право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда преку Законот за здравствено осигурување.
Со Пресудата се задолжуваат тужените Република Северна Македонија – Влада на Република Северна Македонија и Министерството за здравство, да иницираат измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување.
Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) поднесоа тужба за заштита од дискриминација – actio popularis.
Судот утврдил дека индивидуланите земјоделки иако се вклучени во системот на задолжително здравствен осигурување и имаат својство на осигуреници, не уживаат еднаков пристап до правата што произлегуваат од системот. На законска конструкција постои навидум неутрално правило кое ги признава индивидуалните земјоделки како осигуреници, нo фактички ги исклучува од пристапот до клучни парични надоместоци од системот за здравствено осигурување. Иако индивдуалните земјоделци/ки плаќаат пониска основица при пресметување на придонесите, не се менува фактот што тие се реални обврзници во системот на социјално осигурување.
Во постапката било земено предвид и мислењето на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, арх бр.08-119/3 од 03.03.2023 година во кое се утврдува дека постојната законска рамка доведува до нееднаков третман на индивидуалните земјоделки во однос на останатите осигурени лица. Комисијата укажа дека исклучувањето на оваа категорија жени од правото на надоместок за време на бременост, раѓање и мајчинство, како и при привремена спреченост за работа, претставува форма на индиректна дискриминација и повика на итни законски измени со цел обезбедување еднаков пристап до правата од здравственото осигурување.
Проблемот има изразена социјална димензија. Во судската постапка било кажано дека овие жени често се принудени да продолжат со работа и во период на бременост или болест, бидејќи отсуството од работа директно значи губење на приходи. Ваквата состојба создава циклус на ранливост, во кој недостатокот на институционална поддршка дополнително ја продлабочува нивната маргинализација.
Дополнително, ваквите последици се во спротивност со принципите на заштита на мајчинството и родовата еднаквост, кои претставуваат суштински вредности во современите демократски општества.
Судот смета потребата од суштински законски измени е неопходна за да се овозможи вистински пристап до правата кои формално им припаѓаат на индивидуалните земјоделки. Државата ќе мора итно да ги смени законите за да ги заштити дискриминираните земјоделки.
С. К. ДЕЛЕВСКА



