Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, поднесе обвинителен предлог против член на обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, за нанесување телесна повреда при семејно насилство.
Воедно, бара и продолжување на притворот против ова лице, кој ја тепал и давел сопругата пред малото дете.
„По спроведена брза постапка, денеска до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Телесна повреда. Според наводите во обвинителниот предлог, обвинетиот, по претходна вербална расправија во семејниот дом, физички ја нападнал оштетената, удирајќи ја по лицето и главата пред нивната малолетна ќерка, по што ја фатил за вратот и започнал да ја дави. Со дејствијата на обвинетиот, на оштетената ѝ биле нанесени телесни повреди и предизвикана психичка вознемиреност”, соопшти ОЈО за организиран криминал.
Сопругата на ова службено лице успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил нејзиниот мобилен телефон.
„Заедно со ќерката побарале помош кај сосетка, која ги примила во својот дом. Со обвинителниот предлог е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да стане недостапен на органите на прогонот, како и поради постоење реални околности дека може да го повтори делото. Притоа е земено предвид дека обвинетиот живее во заеднички семеен дом со оштетената и нивната малолетна ќерка, пред чии очи било извршено насилството”, вели Обвинителството.
Пред три дена, премиерот Мицкоски ова семејно насилство го нарече “мал престап”.
„Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото, кога членови на обезбедување на претседател тепаа граѓани, дивееја по дискотеки и минуваа неказнето. Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ дека можеме и во иднина. Недисциплина јас не толерирам, не само во рамките на моето обезбедување, туку, за волја на вистината, тоа е припадник на претходницата која не ја гледам така често. А, за волја на вистината, сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, кажа премиерот кога се откри ова семејно насилство сторено од член на своето обезбедување.
С. К. ДЕЛЕВСКА



