Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче на денешната прес-конференција го обвини премиерот Христијан Мицкоски за ширење невистини во врска со статусот на македонскиот јазик во евроинтегративните процеси. Филипче изјави дека премиерот го користи јазикот и идентитетот како изговор за сопствените политики и вели дека претходно давал неточни тврдења за почетокот на преговорите и за наводни фусноти во меѓународните договори.
Лидерот на опозицијата вели дека во преговарачката рамка, позната како Француски предлог, македонскиот јазик е јасно признаен од сите земји членки на Европската Унија. Тој додаде дека токму оваа рамка, во која јазикот стои без никакви дополнителни објаснувања или фусноти, била изгласана и од бугарскиот парламент, со што Софија практично го прифатила македонскиот јазик.
„И кога го спомнувате јазикот. Многу битна тема, поради тоа што многу често се користи како изговор, премиерот го спомнува идентитетот, јазикот и така натаму. А тоа е само уште една тема на којашто гледаме дека човекот е лажго. Премиерот лаже. Прво, кажуваше дека со владата на Зоран Заев нема да добиеме датум за преговори, па добиваме. Па кажуваше дека јазикот е загрозен со Преспанскиот договор, дека имало некакви фусноти и така натаму, што излезе дека е лага. Па да повторам дека лажеше дека ќе го поништи и не го признава Преспанскиот договор. И после тоа дојде Францускиот предлог, во којшто јасно стои дека македонскиот јазик го признаваат сите земји членки на Европската Унија. Во Францускиот предлог, односно точно во преговарачката рамка стои македонски јазик. И со тоа бугарскиот парламент ја изгласа преговарачката рамка за нас. Таму стои македонски јазик. Ниту како е цитирано во Уставот, ниту фуснота. Чист македонски јазик.“, изјави Филипче.
Во однос на прашањата за ставовите на новиот бугарски премиер Румен Радев, Филипче изјави дека Македонија преговара со Брисел, а не со Софија. Тој смета дека земјата треба да ги исполни европските обврски и договори кои ги изгласале сите членки на Унијата, вклучително и Бугарија.
Филипче го обвини Мицкоски и за неисполнети ветувања поврзани со поништување на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Според претседателот на СДСМ, овие теми биле само реторика за доаѓање на власт, додека вистинската закана за државата и идентитетот не доаѓа од малцинствата, туку од криминалот и корупцијата во земјата.



