Во Кумановскиот театар денес премиерно ќе се изведе претставата „Чичко Куплунг“ во режија на Јани Бојаџи, работена според пиесата „Прирачник за самоуништување“ од Сашко Насев. Чичко Куплунг е култен лик од македонскиот филм „Самоуништување“ на Ербил Алтанај од 1996, кој го играше Јовица Михајловски, а кој беше и продуцент на филмот.
„Самоуништување“ е црна комедија и сатира за општеството во транзицискиот период во Македонија, чија премиера беше во мај пред 30 години. Покрај Михајловски играа и Катерина Коцевска, Благоја Чоревски, Тони Михајловски, Оливер Митковски, Бајруш Мјаку.

Катерина Коцевска и Јовица Михајловски на насловна на „Екран“ во мај 1996. Михајловски ја играше главната улога на Чичко Куплунг и беше продуцент на „Самоуништување“. (Архивска фотографија)
Во претставата „Чичко Куплунг“ играат: Мирослав Петковиќ, Кети Дончевска-Илиќ, Давид Илиќ, Александра Михајловска-Величковски, Владанка Крстевски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички и Жарко Јовановиќ.
Режисерот Бојаџи на вчерашната прес-конференција рече дека Чичко Куплунг воопшто не се сменил во изминатите 35 години, но дека нема суштински промени ниту во општеството во кое живееме денес.
„Една од идеите беше да покажеме дека ние, како нација, како земја и како Македонци, сме затворени во еден круг од кој 30 години не можеме да излеземе. Истиот Чичко Куплунг, буквално како денеска да го паркирал своето такси пред Центарот за култура и утре да влезе на сцена. Станува збор за исти карактери, исто време и место на дејствие, исти социјални и политички односи меѓу зет и шура кои се кодошат, исто семејно насилство, исти немоќни мажи кои својот револт, наместо да го покажат таму каде што треба, во општеството и кон политиката, бесот најчесто го истураат дома, врз семејството. Најчесто, поради неспособноста на оваа генерација мажи во овие 30 години да создаде подобра земја и поуспешно општество, сето тоа кулминира со семејно насилство, кое секојдневно е присутно во десетици случаи низ земјата. Ако прашањето е дали нешто се променило од пред 35 години до денес, мојот одговор е, не. Не се променило ништо во тој контекст за кој ние зборуваме, но не можеме да ги игнорираме реалните промени во кои сме напредувале, во многу и сме стагнирале, а во некои сме назадувале“, рече Бојаџи.
На прашањето каде е проблемот, Бојаџи одговори дека тој е кај сите нас, и секој обид да се разубавува на реалноста е погрешен и непотребен.
„Колку како луѓе и како нација посериозно и поискрено ќе се соочиме со сопственото огледало, толку полесен ќе биде патот кон промените. Иако Македонија и Македонците не се во поголем проблем од остатокот од светот, но тие нека си ги решаваат своите проблеми, а ние нашите“, додаде Бојаџи.
Тој смета дека обврската на уметниците е да бидат критични прво кон самите себеси, а потоа и кон општеството, а театарот треба да биде рефлексија на реалноста.
Претставата „Чичко Куплунг“ е камерна и ќе се игра на сцената на Центарот за култура во Куманово.
С. НИКОЛИЌ



