УШТЕ НЕ Е ПОЧНАТА ИЗГРАДБАТА НА СПОРТСКАТА САЛА ВО БИТОЛСКОТО СЕЛО БИСТРИЦА КОЈА БЕШЕ НАЈАВЕНА ЛАНИ ВО ФЕВРУАРИ

    УШТЕ НЕ Е ПОЧНАТА ИЗГРАДБАТА НА СПОРТСКАТА САЛА ВО БИТОЛСКОТО СЕЛО БИСТРИЦА КОЈА БЕШЕ НАЈАВЕНА ЛАНИ ВО ФЕВРУАРИТеренот за градба на салата беше исколчен уште пред повеќе од една година.(Фото: СДК.МК)

    Една недела по најавата на градоначалникот на Битола Тони Коњановски дека за скоро ќе почнат со работа на терен, уште не е почната изградбата на спортска сала во битолското село Бистрица. Таму беше турнат стар објект за да се изгради нова сала, но откако при ископот пролетта 2025 година се појави септичка јама која не беше предвидена во проектот, градежниот зафат запре.

    Деновиве на седница на општинскиот Совет, салата беше наречена Калимеро бидејќи додека локалната власт се фалеше со изградба на други спортски терени, не се спомна до каде е изградбата на таа во Бистрица.

    Советникот Никола Гаговски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ од советничката говорница ја пушти снимката на градоначалникот Тони Коњановски од 7 февруари 2025 година како најавува дека Бистрица ќе добие нова спортска сала.

    „Во Бистрица една лопата немаат фрлено. Наместо да разговараме за сечење лента таму, ние разговараме за милионски долгови во училиштата“ , рече Гаговски.

    Претседателот на Советот Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ја направат салата и сите ќе ги викнат на сечење лента.

    Ден по седницата, на 13 мај, градоначалникот на Битола Тони Коњановски на новинарското прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК до каде е изградбата на салата рече дека го решиле проблемот што не бил предвиден во проектот.

    „Да, таму имавме мал застој во изведбата на таа спортска сала. Таа е една од четирите кои Општината ќе ги добие. При реконструкцијата се појави септичка јама. Се работи планската документација, сакаме целосно да бидеме во согласност со законот за дислокација на септичката јама, но и работите на терен отпочнуваат деновиве. Не сум задоволен во делот со динамиката, но го решивме пролемот што не бил предвиден со проектот’, рече Коњановски.

    Теренот за градба на салата беше исколчен уште пред повеќе од една година. Според најавата, салата ќе чини 37 милиони денари. За да се гради беше срушен стар објект при што се оштети ѕидот од школото, па постоеше опасност Државниот санитарен и здравствен инспекторат да забрани користење на една од училниците, по што проблемот го санираше Општината.

    Покрај салата во Бистрица предвидена е изграба уште на три други спортски сали: во основното училиште „Стив Наумов“ каде се почнат градежните рабoти, како и во подрачните училишта во Долно Оризари и Стрелиште.

    Почната е и изградба на 24 спортски терени во 10 училишта.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира