НАМЕСТО ФАКУЛТЕТ ЗА ДОКТОРИ И ФАРМАЦЕВТИ, БИТОЛА ЌЕ ДОБИЕ ФАКУЛТЕТ ЗА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, АКУШЕРИ И МЕДИЦИНСКИ БИОХЕМИЧАРИ

    НАМЕСТО ФАКУЛТЕТ ЗА ДОКТОРИ И ФАРМАЦЕВТИ, БИТОЛА ЌЕ ДОБИЕ ФАКУЛТЕТ ЗА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, АКУШЕРИ И МЕДИЦИНСКИ БИОХЕМИЧАРИОтворањето на Медицински факултет е дамнешна желба на битолчани, со оглед н тоа дека е втората најстара високообразовна установа од областа на медицинските науки во државата, Високата медицинска школа е основана во 1988. (Фото: СДК.МК)

    Битола треба да добие Факултет за медицински науки и здравство, а не како што беше одлучено пред две години Медицински факултет. Разликата е во тоа што новиот факултет ќе ги нема студиските програми Општа медицина, Стоматологија и Фармација, туку предвидува четиригодишни студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар.

    Предлог-законот за Факултет за медицински науки и здравство деновиве влезе во собраниска процедура, прво читање. Во него пишува дека штом биде донесен, ќе престане да важи Законот за основање на Медицински факултет од 2024 во кој се предвидуваа студии за доктор.

    Законот за Медицински факултет беше донесен во Собранието на 28 март 2024 за време на претходната власт и објавен во Службен весник на 2 април 2024. Во него остануваше Високата медицинска школа за студиска едукација на медицински сестри, но беа предвидени студии за доктори, стоматолози и фармацевти. Како наставни бази на Факултетот предвидено беше да бидат Клиничката болница во Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети. Еразмо“ во Охрид, Специјалната болница за нефрологија во Струга и Општата болница со проширена надлежност во Прилеп. Иако се предвидуваше Факултетот да почне со работа во студиската 2024/2025 година до тоа не дојде.

    Во јануари годинава, Владата предложи нов Закон за факултет кој ќе биде правен наследник на Високата медицинска школа. Таа досега во прв циклус запишува студенти во студиските програми медицинска сестра/техничар, медицинско-лабораториски аналитичар, физиотерапевти, радиолошки технолози и акушерки. Досега студиите во Школата беа тригодишни, односно 6 семестри, а сега Факултетот ќе овозможи факултетско образование за истите профили. Поточно, четиригодишни студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар, како и стручни тригодишни студиски програми за медицинска сестра/техничар, акушерка, медицинско-лабораториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер. Факултетот ќе биде дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола.

    На 22 седница на Комисијата за образование наука и спорт при Собранието одржана на 4 мај годинава, беше разгледан новиот Предлог-закон и истакнато дека подготовката за почетокот на работата на Факултетот ќе ја врши матична комисија. Наставно-научниот совет, деканот и деканатската управа на Факултетот ќе се изберат до почеток на студиската 2026/2027 година согласно со Законот за високото образование.

    „Со донесувањето на овој закон се очекува да се унапреди системот на високо образование во областа на здравството, преку институционална трансформација и проширување на студиските програми и да се создаде нормативни и организациски предуслови за стекнување на академско образование за медицинските сестри и акушерките, како и за нивен понатамошен академски, научен и професионален развој“, пишува во Предлог-законот.

    Отворањето Медицински факултет е дамнешна желба на битолчани, со оглед на тоа дека е втората најстара високообразовна установа од областа на медицинските науки во државата. Високата медицинска школа основана е во 1988. Денес во Битола недостасува лекарски кадар, никогаш не доби факултет за студиска едукација на доктори, иако на други универзитети тоа се случи, а најавите за медицинска факултетска установа не заживеаја.

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски, на прес-конференцијата на 21 мај кажа дека скоро сите јавни здравствени установи имаат веројатно вишок на доктори, а недостигаат медицински сестри и кадар за поддршка на здравствена работа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира