КУМАНОВО И СКОПЈЕ СЕ СО ВУЧИЌ, РЕКОА НА СОБИРОТ ЗА ПОДДРШКА ПРЕД КУМАНОВСКИОТ СРПСКИ КОНЗУЛАТ

    КУМАНОВО И СКОПЈЕ СЕ СО ВУЧИЌ, РЕКОА НА СОБИРОТ ЗА ПОДДРШКА ПРЕД КУМАНОВСКИОТ СРПСКИ КОНЗУЛАТСобирот го организираше Здружението на Србите во Македонија „Мир, слога и стабилност“, од каде што рекоа дека покрај Србите поддршка дале и Македонци кои ја следат и поддржуваат работата на Вучиќ. (Фото: СДК.МК)

    Неколку стотини граѓани од Куманово и Скопје денеска учествуваа на собирот за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се одржа пред Српскиот конзулат во Куманово, пред вечерашниот голем студентски антивладин протест во Белград. Собирот го организираше Здружението на Србите во Македонија „Мир, слога и стабилност“, од каде што рекоа дека покрај Србите поддршка дале и Македонци кои ја следат и поддржуваат работата на Вучиќ.

    „Ние од овој собир не испраќаме порака до Македонија, туку нашата поддршка е упатена кон Република Србија. Ова не е мешање во внатрешните работи на Македонија, туку само одраз на она што ние го чувствуваме. По националност сме Срби, но живееме и работиме тука, што значи дека во некои сегменти Македонија ја сакаме и повеќе од оние што се од македонска националност. Да не беше така, ние ќе си заминевме“, изјави претседателката Милена Величковиќ.

    Таа додаде дека организацијата на собирот била извадена од контекст, како да се прави нешто лошо.

    На собирот немаше официјални обраќања од организаторите, ниту од претставници на политички партии. Собирот помина со развиорени српски и македонски знамиња, српска и македонска музика и транспаренти со пораки „Куманово и Скопје се со Вучиќ“. Настанот се одржа под силно полициско обезбедување и помина без инциденти.

    Студентските протести во Србија се дел од широкото движење што се појави по уривањето на настрешницата на железничката станица Нови Сад во ноември 2024 при што загинаа 16 лица. Студентите  беа на чело на демонстрантите кои го повикуваа претседателот Александар Вучиќ да поднесе оставка поради трагедијата, обвинувајќи ја владата за небрежност и корупција. Владата одговори на протестите со сурово ограничување на демонстрантите и произволни апсења на организаторите и поддржувачите. Поради протестот во Белград, денеска се суспендирани железничките услуги низ цела Србија.

    Протестот на студентите е под мотото „Ти и јас, Славија“, како дел од кампањата „Студентите победуваат“, од каде ќе побараат одржување вонредни парламентарни избори и демократизација на земјата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира