ФЕСТИВАЛОТ ВАЛАНДОВО МЕ ИЗВЛЕЧЕ ОД ТАГАТА КОГА МИ ПОЧИНА СОПРУГОТ, КАЖА БЛАГА ПЕТРЕСКА, КОЈА ДОБИ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

    ФЕСТИВАЛОТ ВАЛАНДОВО МЕ ИЗВЛЕЧЕ ОД ТАГАТА КОГА МИ ПОЧИНА СОПРУГОТ, КАЖА БЛАГА ПЕТРЕСКА, КОЈА ДОБИ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛОЈас сум скромен човек и не сакам титули, рече Блага Петреска (Фото: Министерство за култура)

    Блага Петреска ја доби наградата за животно дело на Фолк фест Валандово, кој по 39. пат се одржа во Домот на културата „Јанко Узунов“. Кога ја прими наградата, фолк ѕвездата кажа дека фестивалот ѝ помогнал во најтешките моменти, кога починал нејзиниот сопруг.

    „Еден од првите настапи на фестивалот ми помогна во најтешките моменти од животот. Настапот беше мојата шанса и ми помогна во тагата, а подоцна беше и моја радост. Ви благодарам што направивте оваа вечер да ми биде незаборавна“, рече Петреска.

    „Во 1983 го загубив мојот сакан. Бев многу тажна и исплашена како ќе се снајдам, како понатаму во животот. И кога слушнав за фестивалот Валандово, премногу се израдував, затоа што навистина ја видов шансата што ќе ме извади од бездната. И песната ќе ми помогне ако направам кариера, да им помогнам на моите деца со хонорарите што ќе ги земам. Инаку, јас сум скромен човек. Ниту сакам титули, ниту награди. Повеќе обрнувам внимание на мојот дух, сакам духовно да сум богата. Сè друго, денеска го имаш, утре го немаш. Но, доаѓаат такви моменти кога немаш излез и бараш чаре“, ни реле Блага Петреска по нејзиниот настап со песната „Ти ме предаде“, еден од нејзините најголеми хитови.

    Минатата година, Блага Петреска настапи во натпреварувачкиот дел. Тогаш рече дека едвај се воздржала да не заплаче кога во студио ја снимала песната „Кој да ми запее“, посветена на младите кои се иселуваат од Македонија.

    „Првпат на Валандово ја пеев песната ‘Раширило оро широко по селските мегдани’. За жал, по 40 години пеам за празни села без мегдани, без младина, без деца, за места каде што нема кој да заигра оро и да се запее песна. И многу сум тажна, иако мене ме знаат како весела жена. Но, таква е сега ситуацијата, младите си одат, а тоа е многу тешко за родителите и за нас, бабите. Јас до вчера жалев за моите деца кои беа во странство, сега жалам за внуките кои заминаа. Едната е во Германија, другата во Москва“, ни рече Блага Петреска лани.

    Наградата за најдобра песна ја доби Христијан Божинов-Кико за „Градче мое убаво“. Втората награда ја освои песната „Солзи немам“ на Благица Калева, а третата „После сѐ“ на Анета Љумаковска, Јане Динев и „Анета бенд“.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира