ДЕЦАТА СЕ ИЗЛОЖЕНИ НА НЕЗДРАВА ХРАНА ВО И ОКОЛУ ШКОЛИТЕ, НЕМА ЗДРАВА ОПЦИЈА, ПОКАЖА ПРВАТА НАЦИОНАЛНА ПРОЦЕНКА

    ДЕЦАТА СЕ ИЗЛОЖЕНИ НА НЕЗДРАВА ХРАНА ВО И ОКОЛУ ШКОЛИТЕ, НЕМА ЗДРАВА ОПЦИЈА, ПОКАЖА ПРВАТА НАЦИОНАЛНА ПРОЦЕНКАТешко е да се направи здрав избор кога доминираат нездрави опции, вели новата кампања #ШтоИмаЗаЈадење на УНИЦЕФ и партнерите создадена заедно со деца и адолесценти од пет училишта низ земјата. (Фото: Архивска фотографија)

    Kога и да побара детето храна на училиште, нездравата опција е секогаш тука, а здравата честопати ја нема, покажа новата Национална проценка на нутритивните средини во училиштата во Македонија. Според наодите, нездравите опции на храна и пијалаци се широко достапни и се промовираат во и околу училиштата, додека здравите опции се ограничени, обликувајќи ги навиките во исхраната кај децата и отежнувајќи им го изборот на здрава храна.

    Проценката, спроведена во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, со поддршка од УНИЦЕФ, е прв сеопфатен преглед на училишните нуритивни средини во земјата. Во неа се опфатени 40 основни и средни училишта, а учествуваа околу 1.700 ученици. Наодите укажуваат на слична состојба во сите училишни средини.

    „Во отсуство на национална програма за училишна исхрана, многу деца купуваат храна во училишните продавници или од автомати. Истражувањето покажува дека во секое училиште каде што се продава храна (20 проценти од опфатените училишта), сите опции биле нездрави. Освен тоа, речиси сите ученици, кога се на училиште, можат да купуваат храна од блиските продавници, каде што се широко достапни и интензивно се рекламираат засладени пијалаци и ултрапреработени производи богати со масти, шеќер и сол“, велат од УНИЦЕФ.

    Проценката покажа дека училиштата што обезбедуваат оброци (35 проценти од опфатените училишта) ги почитуваат националните стандарди за исхрана, меѓутоа, нездравата храна често е присутна во училишните ужинки – што укажува на потребата од построги стандарди со кои ќе се воведат ограничувања за нездравата храна.

    „Создавањето поздрава средина за децата бара координирана акција од училиштата, семејствата, општините, креаторите на политики, здравствениот и приватниот сектор. Тоа значи да се обезбеди здравиот избор да биде полесен и подостапен за секое дете“, велат од УНИЦЕФ и додаваат дека наодите покажуваат силна поддршка меѓу учениците за поздрава нутритивна средина во училиштата.

    Над 80 проценти поддржуваат обезбедување здрави и хранливи оброци во училиштата, 60 проценти веруваат дека намалувањето на достапноста на нездрава храна во и околу училиштата би им помогнало да направат поздрав избор, а 85 проценти велат дека храната што се продава во училиштата треба да биде со прифатлива цена.

    „Децата растат и учат во средини каде што нездравата храна е широко достапна, видлива и интензивно се рекламира – додека поздравите опции остануваат ограничени. Создавањето средини во училиштата со кои се поддржува изборот на здрава храна е од суштинско значење за заштита на здравјето на децата и поддршка на здрави навики во текот на целиот живот“, вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.

    Наодите се надоврзуваат на веќе постоечките докази за предизвиците со исхраната на децата во Северна Македонија, каде што околу една третина од децата на возраст од 7 до 9 години живее со прекумерна тежина или дебелина. Со нив се истакнува влијанието на училишната средина врз секојдневниот избор на храна на децата.

    Во проценката се посочуваат неколку препораки, вклучувајќи зајакнување на постојните стандарди за исхрана за училишни оброци и ужини, подобрување на пристапот до здрави опции, ограничување на достапноста на храна и пијалоци богати со сол, шеќер или масти во училиштата, како и воведување построги мерки за ограничување на маркетингот на ултрапреработена храна и засладени пијалаци.

    За да се поддржи гласот на децата, УНИЦЕФ и партнерите ја започнуваат кампањата #ШтоИмаЗаЈадење, создадена заедно со деца и адолесценти од пет училишта низ земјата. Со кампањата се повикува на поздрава училишна исхрана и помала изложеност на реклами за нездрава храна, истакнувајќи едноставна порака: тешко е да се направи здрав избор кога доминираат нездрави опции.

    Како дел од кампањата, сите ученици низ земјата се поканети да учествуваат во предизвикот на социјалните мрежи #ШтоИмаЗаЈадење, да помогнат во подигањето на свеста за реалноста со која децата секојдневно се соочуваат и да поттикнат јавна дискусија за поздрава училишна средина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира