Ракометарите на Охрид го освоија Европскиот куп откако во реваншот од финалето против унгарската Татабања победија со 31:26 пред своите навивачи. Ова е прв трофеј во историјата на клубот, што се случува само една година откако во истото натпреварување славеше уште еден македонски клуб, Алкалоид.
Од клубот најавија прослава на титулата денеска на Градскиот плоштад.
„Ова е историски момент за нас. Освоивме европски трофеј во првата година од нашата соработка. Благодарност до неверојатните навивачи, кои ни дадоа една врвна енергија не само за време на мечот, туку и час и пол пред тоа. Грмеше целата сала, не можевме да веруваме во соблекувалната. Пресреќен сум и не знам што друго би додал“, кажа тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ.
На патот до трофејот, Охрид одигра 12 натпревари и забележа само еден пораз, против бившиот европски првак Целје во полуфиналето. Во првиот меч од финалето победи во Унгарија со 29:28.



