Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој денеска е во официјална посета на земјава, кажа дека само со направени уставни измени Македонија може да ги почне преговорите со Европската унија. Нагласи дека нема простор за нови договори или ново преговарање на веќе усвоената преговарачка рамка.
„Европската Унија им обезбеди траен мир и стабилност на своите земји-членки преку отпорни демократски институции и силни економски врски. Проширувањето како такво ги нуди истите можности и на нашите европски соседи, како што е Северна Македонија. Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори. Она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.
Уставните измени со кои треба во Уставот да се внесе малцинството граѓани кои се изјасниле за Бугари во земјава, според преговарачката рамка со ЕУ се предуслов за отворање на следната фаза од пристапниот процес.
На новинарско прашање дали Европскиот совет може да усвои заклучоци кои би претставувале гаранции за Македонија, Кошта не даде директен потврден одговор, но кажа дека таква можност би можела да се разгледува откако земјата ќе ги исполни преземените обврски.
„Посакувам што е можно порано Европскиот совет да има услови да донесе вакви заклучоци. Но за ова, зависи од Северна Македонија да го направи тоа што го договорила во 2022 година“, рече Кошта.
Кошта го пофали напредок на Владата во спроведувањето на реформската агенда кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Македонија.
„Исто така, го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Тоа испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија и за заедничките вредности што ги споделуваме“, додаде Кошта.
Премиерот Христијан Мицкоски рече Владата останува цврсто определена кон европскиот пат, а дека со Кошта меѓу другото разговарале и за „едно многу подлабоко прашање – дали европската идеја и понатаму останува идеја што инспирира, обединува и создава доверба“.
„Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила. Бараме принципи, бараме процес во кој реформите, трудот и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани. Владата ќе продолжи со спроведување на реформската агенда, зајакнување на институциите, стабилизирање на економијата, привлекување инвестиции и подобрување на јавните услуги. После години чекање, компромиси и исполнети барања, природно е граѓаните да чувствуваат неизвесност. Потребни се лидерство, јасност и доверба. Европа била најсилна кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности. Верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да се пречка за европската перспектива – тие се нејзин составен дел“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА



