Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, денеска во изјава за државната новинска агенција МИА демантира дека тој за некој медиум изјавил нешто во врска со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, или дека пренесувал нешто што Груевски му го кажал нему при нивната последна средба во Скопје.
„Јас како човек никогаш не персонифицирам одговорност и не се плеткам во македонската политика со прозивки на некои имиња и луѓе. Јас не знам да ја редуцирам вината на некое одредено име. Јас зборував за тоа што и претходно го кажав за ‘Нова ТВ’, а се разбира тоа е дека Македонија мора да ја доживее својата катарза на сопствената политика и патот за натаму е и преку тоа што го прави Специјалното јавно обвинителство. Доколку се утврди низ правосудството, дека постои некаква индивидуална одговорност на било кого, тогаш тој се разбира дека ќе мора во правната држава за тоа да сноси консеквенци“, вели Вајгл.
На прашањето дали тој лично во некоја изјава или интервју го споменал поранешниот премиер Груевски и нешто што наводно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му го кажал лично, словенечниот европратеник демантира дека зборувал нешто такво.
Телевизијата Ал Џезира вчера пренесе изјава од европратеникот Иво Вајгел за турската новинска агенција „Анадолија“, во која тој вели дека Груевски рекол оти ќе инсистира до крај затоа што не му се оди во затвор.
„Најкарактеристична е сепак изјавата која што ни ја даде Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе инсистира до крај, дека не му се оди во затвор. Доколку тој е мотивот на сето ова, тогаш тоа значи дека уште долго нема да има компромиси“, ја цитираше Ал Џезира на Вајгл дадена за „Анадолија“.