ЕКСДИРЕКТОРОТ НА МРТВ МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ Е ДИРЕКТОР НА ФОНДАЦИЈАТА „СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028“

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА МРТВ МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ Е ДИРЕКТОР НА ФОНДАЦИЈАТА „СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028“Цветковски беше на функцијата директор на МТВ 15 односно од 2012 до април годинава. (Фото: Архивска фотографија)

    Поранешниот директор на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски е избран за директор на Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата 2028“, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Град Скопје. Фондацијата „Скопје 2028“ ја формираше Град Скопје на 28 јануари и таа ќе раководи со сите активности поврзани со спроведувањето на манифестацијата, како и со финансиите кои се наменети за овој проект.

    Цветковски беше на функцијата директор на МРТ 15 години, односно од 2012 до април годинава. Веднаш по завршување на мандатот во МРТ е поставен на нова јавна функција, директор на Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“.

    Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денес, одговарајќи на советничко прашање на седница на Советот на Град Скопје како е избран Цветковски на оваа функција, рече дека тој е личност со сериозно искуство.

    „Марјан Цветковски го познаваm долги години. Сметам дека е човек со сериозно искуство и убеден сум дека ќе даде одлични резултати“, рече Ѓорѓиевски.

    Белег на неговото раководење беше тоа што во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски јавниот сервис не ги емитуваше таканаречените бомби од прислушуваните разговори што ги објави опозицијата во 2015, иако лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов тогаш им достави цедеа со овие записи. Цветковски изјави дека „уредувачката политика на телевизијата не може да се управува според барањата на седумдесетина граѓани, кои имаат свои цели“.

    По неговиот реизбор за директор по трет пат во 2018, реагираа од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велејќи дека реизборот на Цветковски не оди во прилог на реформирање на јавниот сервис и неговото ослободување од политичка контрола. Цветковски не беше сменет од директорската функција ниту за време на осумгодишното владеење на СДСМ.

    Град Скопје во февруари го објави првиот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти за „Скопје Европска престолнина на културата 2028“. Предвиден е вкупен буџет од 300.000 евра, при што еден грант има максимален износ до 50.000 евра. За резултатите од конкурстот уште нема никакви информации во јавноста односно не е соопштено кои проекти се избрани и по колку пари ќе добијат.

    Во септември 2023 Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028, европска иницијатива за културна соработка. Скопје ќе ја дели титулата со градовите Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција.

    Oфицијалната програма ќе се спроведува низ целата територија на градот и во десетте општини, како во институциските, така и во јавните простори.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира