Професорката Веселинка Лаброска е нова претседателка на Советот за македонски јазик, соопшти Министерството за култура и туризам, откако претходната претседателка, Симона Груевска-Маџоска поднесе неотповиклива оставка на 12 мај.
„Владата на денешната седница го усвои Предлогот и ја именува д-р Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ и редовен професор на Институтот за македонски јазик ‘Крсте Петков Мисирков’ Скопје за нова претседателка на Советот за македонски јазик. Министерството за култура и туризам ѝ посакува успех на проф. Лаброска во работењето и очекува активно и посветено придонесување кон заштитата, унапредувањето и афирмацијата на македонскиот јазик“, стои во соопштението.
Членови на Советот, освен Лаброска, се: проф. д-р Илија Велев, проф. д-р Александра Ѓуркова, академик Марјан Марковиќ, проф. д-р Михајло Марковиќ, проф. д-р Марија Паунова, академик Катица Ќулавкова и проф. д-р Гоце Цветановски.
Груевска-Маџоска денеска реагираше на вчерашната изјава на министерот за култура и туризам Зоран Љутков, демантирајќи дека си поднела остевка поради лични причини.
Професорката пишува дека речиси една година трчала и молела да се започне со изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена во Законот за употребата на македонскиот јазик. На нејзиното барање за средба со правната служба на Министерството за култура и туризам ѝ било пренесено дека биле многу зафатени и дека треба да се обрати до министерот за култура и туризам, што и го сторила на 29 мај 2025 година.
„Чекав повеќе од 6 месеци на одговор, кога повторно го ставив на дневен ред на седница на Советот за македонски јазик, па се растрчаа со смешна приказна дека министерот не го добил дописот. Работната група за изработка на Стратегијата се формираше дури на крајот на јануари 2026 година со член од Министерството за култура кој (која) беше еден вид петта колона во групата, за што ѝ пишав на државниот секретар и не добив одговор. Притоа, барав прием кај министерот за култура и туризам и два месеци чекав пред да ја дадам оставката, а никогаш не го добив“, вели Груевска-Маџоска и продолжува:
„За крај, се закажа јавна расправа за Националната стратегија за култура, за која пишувачите никогаш не се консултирале со Советот за македонски јазик и во делот за македонскиот јазик пишувале, најблаго речено, неточни работи. Бидејќи имав покана за јавната расправа, отидов со намера јавно да ги кажам забелешките, но од државниот секретар ми беше кажано да не зборувам јавно и дека ‘на нивен предлог сум била избрана за претседател’, што е класична закана. Јавната расправа ја напуштив и истиот ден ја напишав оставката со неличните причини и ја доставив до Владата, до Министерството за култура и туризам и до Министерството за образование и наука. Забелешките за Националната стратегија за култура ги доставив до Комисијата за култура при Собранието на Македонија и до Министерството за култура и туризам. Никој потоа не ме контактираше (официјално), ниту добив некаков одговор ниту од Владата ниту од Министерството за култура и туризам. Мојот заклучок на крајот е дека никој не се грижи за македонскиот јазик (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот) и Господ да ни е напомош“, вели Груевска-Маџоска во објавата.
По нејзината објава, реагираше министерот Љутков, кој ги отфрла обвинувањата и критиките изнесени во образложението на оставката на Груевска-Маџоска и смета дека јавното изнесување на несогласувањата и селективното претставување на фактите може да му наштети на угледот на Советот за македонски јазик и на институциите кои учествувале во овие процеси. Според него, прашањата поврзани со македонскиот јазик треба да останат надвор од политички и лични пресметки и да бидат предмет на заедничка и одговорна грижа.
Б. НЕСТОРОСКА



