Намалени се цените на два два важни теста за рано откривање на рак на грлото на матката, кажа денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
Едниот е Ликвид ПАП-тест, чија цена е намалена од 2.200 денари на 1.250 денари. Намалувањето е над 40 осто и тоа истовремено е намалување на партиципацијата за корисничките од 250 на 150 македонски денари.
Вториот тест чија цена се намалува е ХПВ генотипизацијата, чија цена се намалува од 5.500 денари на 3.310 денари, исто со околу 40 осто, а партиципацијата се намалува од 550 денари на 350 денари. Ревидираната цена на ХПВ-тестот е од 1 мај, а за Ликвид ПАП-тестот од 9 јуни.
Ликвид ПАП-тест (Liquid based цитологија) е современ метод за земање и обработка на клетки од грлото на матката за скрининг на рак на грлото на матката и преканцерозни промени. Сега се прави само на Клиниката за гинекологија и акушерство и на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Лани биле направени 2.427 теста. Се препорачува за рутински скрининг на рак на грлото на матката, за контрола по претходно откриени абнормални ПАП наоди и во комбинација со ХПВ тестирање, особено кај жени над 30 години. Овој метод не е различен преглед од ПАП-тестот, туку претставува понапреден начин на обработка на ПАП-примерокот, што овозможува попрецизни резултати.
Намалувањата на цените се направени врз основа на промена на трошоците за овие тестови. Целта на намалувањето на овие цени, рече Клековски, е тие да станат подостапни за граѓанките. Фондот за здравствено осигурување има превентивна цел со матичните гинеколози за упатување на жените од 21 до 59 години на ПАП-тест, со тоа што треба последниот ПАП да биде пред три години. Во 2025 биле направени 70.926 ПАП-тестови, за разлика од 2023 кога биле направени 103.119 тестови. Од друга страна, расте бројот на ХПВ тестови, од 6.487 во 2023, па 9.032 во 2024 година, на 13.466 тестови.
„Значи, која жена нема направено ПАП тест во последните три години треба да биде упатена. Целта е да стигнеме до 140.000 ПАП тестови спрема податоците што ги имаме, а во моментот се прават од сите програми заедно околу 70.000 теста. Морам да нагласам дека овие податоци се само од установи со кои Фондот има договор, не се од установи со кои нема договор , приватни здравствени установи.
Зошто се важни намалувањата на овие две цени? Во недостаток на гинеколози и цитолози и патолози, Ликвид ПАП-от е иднината на ПАП-тестот, условно да кажам, бидејќи овозможува употреба на вештачка интелигенција и трпи позначаен транспорт отколку обичниот ПАП.
А ХПВ тестот е тестот на иднината бидејќи има поголема точност, има точност од 95 отсто и не мора да се прави на три години, може да се прави на пет години. Меѓутоа, за да стигнеме до таа цел, мораме да работиме на намалување на цените. И можам да кажам дека со истиот буџет што го имаме во моментот, со намалената цена на ХПВ тестот, можеме да го зголемиме тестирањето од околу 13.000 на 22.000 тестирања“, кажа Клековски.
Директорот рече дека целта е да има повеќе Ликвид ПАП-тестови, бидејќи технички и технолошки е поедноставен за да стигнеме до побрзи резултати.
„Знаете дека брзината на резултатите е многу важна. А понатаму, со развој на можностите, полека размислуваме за ХПВ тестот како стандард за рано откривање на рак на грло на матка. Јас го ставам акцентот на овој тип на рак бидејќи овој тип на рак, заедно на пример со меланомот, се ракови што комплетно можат да бидат рано откриени и за ниска цена на рано откривање да спасиме животи и да заштедиме многу финансии на Фондот“, додаде тој.
- СЕ БАРА НАЧИН ДА БИДЕ БЕСПЛАТЕН ХПВ СКРИНИНГОТ КОЈ ЧИНИ ОД 700 ДО НАД 3.000 ДЕНАРИ
- ДА СЕ ВОВЕДЕ ХПВ-СКРИНИНГ ПОРАДИ ВИСОКИОТ ПРОЦЕНТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА, БАРААТ ГИНЕКОЛОЗИТЕ
Б. НЕСТОРОСКА



