Мостовите што се градат за пругата кон Бугарија на потегот Бељаковце-Крива Паланка претставуваат инженерско чудо, со столбови високи до 61 метар, рече вицепремиерот Александар Николоски кој денеска заедно со директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски и претставници од изведувачот „Ѓулермак“ извршија увид на градежните работи на трасата.
„Се работи за исклучително предизвикувачки проект кој опфаќа изградба нови три станици, Кратово, Романовце и Гиновце, 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници, три подвозници. Имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот, ова ќе биде железница на која возовите ќе сообраќаат со брзина од 100 до 120 километри на час, што во вакви услови е навистина одлично решение, изјави Николоски.
Николоски кажа дека столбовите се високи до 61 метар, што е повеќе од двојно повисоко од просечна осумкатна станбена зграда. Во рамки на проектот ќе бидат вградени десетици илјади тони арматура и вкупно 125.000 кубни метри бетон.
Според министерот, напредокот кај конструктивните работи достигнал 31 процент, додека вкупната реализација на проектот е 36 проценти.
„Очекувам до октомври 2028 година тука веќе да оперираат возови. Ова е дел од Коридорот 8 источно крило, по изградбата на втората делница секако ќе ја градиме и третата во соработка со Европската инвестициска банка, ЕБОР и ЕУ од каде што имаме грант. Веќе е објавен тендер за избор на надзорен орган, а очекувам во следните неколку недели да се објави и тендерот за изведба, како би можеле конечно Македонија со пруга да ја поврземе со Бугарија“, додаде Николоски.



