Зачувување на аудиовизуелните архиви на Македонската радиотелевизија (МТВ) е еден од проектите на кој ќе се работи согласно меморандумот за соработка во областа на културата и туризмот помеѓу Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Франција во Македонија. Документот денеска го потпишаа министерот Зоран Љутков и амбасадорот Кристоф ле Риголер и рекоа дека е од особено значење кон унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји во доменот на институционалната соработка, културата, уметничките размени, експертиза и обуки на професионалци, поддршка на културните и креативните индустрии и заштита на културното наследство.
Љутков кажа дека овој документ отвора можности за реализација на заеднички проекти, особено во делот на стручните обуки, експертска поддршка од француските колеги, примена на најсовремени стандарди во заштитата и валоризација на културното наследство. Ќе има активности во делот на конзервација и реставрација на нашето културно богатство, современо управување на музеите, дигитализација на архивскиот материјал и за професионално усовршување на македонските кадри.
„Во однос на главните насоки кои што се дел од овој меморандум, сакам да истакнам дека тоа е посветеноста на Франција заедно со Северна Македонија да работи на заштитата, конзервацијата, реставрацијата и вреднувањето на културното богатство. Соработката е отпочната, особено од областа на конзервација на стари ракописи, на византиски фрески, на икони на дрво, во соработка со Француската национална библиотека, но исто така и Универзитетот Парис 1 Пантеон Сорбона. Со овој договор за соработка, предвидени се и обуки за голем број на македонски професионалци кои што ќе можат да се стекнат со француското знаење и експертиза. Но, исто така и сакам да кажам дека со овој договор се охрабрува мобилноста помеѓу уметниците, креаторите, но исто така и сите оние професионалци коишто работат од областа на културата, затоа што ќе имаат можности да престојуваат во Франција, да учествуваат на различни фестивали, на професионални средби, но и ќе бидат дел од проекти за соработка од различни области визуелни уметности, различни претстави, музика, кинематографија, театар и аудиовизуелни уметности. Знам дека оваа област постојано му е а особено му е при срце на министерот, со овој меморандум се предвидува и промоција на културниот туризам како еден од основните алатки за траен економски развој на државата“, кажа амбасадорот ле Риголер.
Тој додаде дека следната недела имаат состанок за проектот во кој ќее биде вклучена Македонската радиотелевизија и Францускиот државен аудиовизуелен центар за конзервација на целокупниот аудио и видеоматеријал. Ќе се формира мешовита заедничка работна група којашто ќе работи на идентификација на приоритетите кои што ќе ги следи и ќе ги спроведува истите. Тоа е проект кој почнал минатата година во партнерство со Францускиот национален институт за аудиовизуелни архиви, во соработка и партнерство со радио и телевизии од регионот, меѓу кои и Македонската радиотелевизија.
Б. НЕСТОРОСКА



