По седум години затвор добија обвинетите Ѓоре Петревски од Ореше и Даниел Димески од Прилеп за опожарувањето на викендичка во село Капиново во мај 2025. Тие беа обвинети за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност како соизвршители, со тоа што Петревски е обвинет дека поттикнал со умисла да се стори делото. Двајцата обвинети беа прогласени за виновни по изведените вербални и материјални докази, откако кажаа дека не чувствуваат вина.
Објавата за пресудата, која не е правосилна, е на вебстрана на Основниот суд Велес. И на двајцата обвинети им се продолжува притворот до правосилноста на пресудата, но најдолго во времетраење на изречената казна затвор.
Петревски и Димески беа обвинети дека на 10 мај 2025 година во село Капиново со предизвикување пожар ја опожариле во целост куќата во сопственост на Давид Јорданов од Скопје.
„Ми беше кажано дека треба да одиме во напуштена куќа во некое велешко село, за да одземеме компјутери со крипто валути и биткоини. За тоа ќе добиеме одредена сума на пари“, кажа обвинетиот Димески.
Третиот обвинет Ѓоре Петревски не сведочеше.
Претходно, првообвинетиот во ова дело Сашо Муневски од Прилеп призна вина во раздвоена постапка, и со правосилна пресуда веќе ја отслужува казна затвор во траење од седум години. Тој се појави како сведок во овој процес и во детали објасни како било договарано и што се случувало помеѓу нив тројцата во палењето на викендичката во Нежилово.
Лицата кои тој ги кажа дека се нарачатели, обвинителката во завршен збор рече дека тоа ќе бидат предмет на натамошна обработка од обвинителството.
„Лицето е некредибилен сведок, кој не ја говори вистината, инстриуиран е. Тој на мое прашање како сведок, зошто ја повлекол жалбата по изречената казна од седум години затвор за ова дело, рече дека немал пари. А имал да плаќа двајца бранители“, рече адвокатот во завршниот збор.
„Телефонските разговори меѓу обвинетите, снимките од пожарот во викендичката, неспорно покажуваат дека двајцата го сториле кривичното дело“, кажа обвинителката која побара при одредувањето на затворската казна да се има предвид дека обвинетите имаат лежено затвор за сторени кривични дела.
П. ПЕЧКОВ



