Следната недела ќе разговараме за реконструкција на Владата со коалиционите партнери, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„Следната недела е роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, прославата ќе биде на 17 јуни во Струмица, од 20 часот, на стадионот. После тоа, следниот ден, веќе почнуваме со разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата“, одговори премиерот на новинарско прашање по промоција на приватна инвестиција во скопската Општина Илинден.
Мицкоски ја најави реконструкцијата уште лани во август, кога кажа дека по Локалните избори ќе има реконструкција на Владата. Тогаш рече дека фукционерите кои ќе ги опфати реконструкцијата не се лоши, туку Владата има потреба од динамичен капацитет. Премиерот рече и дека нема да го менува владиниот коалиционен партнер од албанскиот блок, и оти ДУИ уште долго време ќе остане во опозиција зашто без ниту една научена лекција нема да се врати на власт.
„Веднаш после овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе бидат заменети биле лоши или немарни, но на Владата секогаш и треба подинамичен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме“, рече Мицкоски на 23 август 2025.
Првиот круг на Локалните избори се одржа на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември 2025.
Б. НЕСТОРОСКА



