Неизвесните финансиски последици од 28 активни судски постапки против Врховниот суд претставуваат еден од главните ризици што ги нотира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорскиот извештај за работењето на највисоката судска инстанца во 2024 година. Станува збор за тужби поднесени од вработени по основ на права и надоместоци од работен однос, во вкупна вредност од 4,28 милиони денари (околу 70.000 евра), при што Врховниот суд се јавува како тужена страна. Според ревизорите, конечниот исход на постапките сè уште не е познат, поради што постои неизвесност за идните финансиски импликации врз буџетот на Судот.
Во текот на 2024 година, претседателка на Врховниот суд беше Беса Адеми, која раководеше со судот до февруари 2025, кога функцијата ја презеде судијата Џемали Саити како вршител на должност, а во мај 2025 Африм Фидани беше избран за претседател.
Покрај овој ризик, ревизијата повторно го отвора прашањето за недоволното финансирање на судската власт. Иако законот предвидува за судството да се издвојуваат средства во висина од најмалку 0,8 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), во Буџетот за 2024 година биле обезбедени само 0,3 проценти од БДП, односно околу 2,65 милијарди денари (околу 43,1 милиони евра). Ревизорите го издвојуваат овој податок како значајно прашање што влијае врз функционирањето на судскиот систем.
Извештајот укажува и на кадровски слабости во највисокиот суд во државата. Врховниот суд е без судски администратор од септември 2023, односно повеќе од една година, и покрај значењето на оваа функција за административното и финансиското управување со институцијата.
Дополнително, ДЗР констатира дека сè уште не е воспоставен целосен систем за оценување на сите категории вработени. Иако Министерството за правда уште во ноември 2020 донело обрасци за оценување на судските службеници, тие не ги опфаќаат судската полиција и судскиот администратор.
Ревизорите посочуваат и на поширок системски проблем во судството – нема јасни законски одредби за утврдување на платите на вработените кои извршуваат технички и помошни работи во судовите. Според ДЗР, оваа состојба создава правна неусогласеност и простор за различни толкувања при определувањето на нивните примања.
И покрај забележаните слабости и ризици, Државниот завод за ревизија изразил мислење без резерва за финансиските извештаи на Врховниот суд за 2024 година, оценувајќи дека тие вистинито и објективно ја прикажуваат финансиската состојба на институцијата, а финансиските трансакции се спроведени во согласност со важечката законска регулатива.
Од Врховниот суд не биле доставени забелешки на нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.



