ТРИ ДЕЦА НАЈДЕНИ ВО БЕСОЗНАНИЕ ВО КУМАНОВО, МВР ВЕЛИ НАЈВЕРОЈАТНО ВДИШАЛЕ ЛЕПАК, РОДИТЕЛИТЕ НЕ ДОЗВОЛИЛЕ ИСПИТУВАЊА

    ТРИ ДЕЦА НАЈДЕНИ ВО БЕСОЗНАНИЕ ВО КУМАНОВО, МВР ВЕЛИ НАЈВЕРОЈАТНО ВДИШАЛЕ ЛЕПАК, РОДИТЕЛИТЕ НЕ ДОЗВОЛИЛЕ ИСПИТУВАЊАДоколку се утврди одговорност на родителите ќе биде поднесена кривична пријава против нив или предлог за одземање на старателството, велат од Центарот за социјални работи.(Фото:СДК.МК)

    Три деца на возраст од 9, 12 и 15 години биле најдени во бесознание на улицата Професор Мијалковиќ во Куманово. Тие биле пренесени во Кумановската болница, но родителите не дозволиле да им се направи анализи за да се утврди причината за нивната состојба.

    „Вчера околу 10.40 часот било пријавено дека на улицата Професор Мијалковиќ се пронајдени три деца кои не реагирале на допир. Станува збор за 15-годишно девојче и нејзините браќа на возраст од 12 и 9 години, кои најверојатно биле затруени од вдишување лепак. Тие биле пренесени во Општата болница Куманово за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, соопштија од СВР Куманово.

    Од Општата болница Куманово велат дека децата биле донесени со возило на Итната помош во стабилна состојба, но запуштени, свесни, со хиперемија на конјунктивите, дискретно проширени зеници и испади на бес и хистерично смеење. По извршените прегледи родителите не дозволиле да се направат дополнителни анализи за да се утврди од што се затруле.

    „Децата беа прегледани од педијатар и интернист, согласно нивната возраст. Родителите, во присуство на социјален работник и инспектори од МВР, одбија понатамошна опсервација, како и лабораториски иследувања. Ги зедоа децата на сопствено барање и покрај инсистирањето да останат на дополнителни испитувања. Упатени се на Клиниката за детски болести – Оддел за токсикологија, за токсиколошки анализи, како и на Детска психијатрија“, велат од Кумановската болница.

    Од полициските службеници дознале дека децата често се сами на улица и се сомнителни за злоупотреба на наркотици со вдишување лепак.

    Оттаму додаваат дека случајот е пријавен во Центарот за социјални работи во Куманово за понатамошно постапување.

    Директорот Ерди Мехмети вели дека кај нив веќе е отворен предмет и институцијата постапува согласно законските надлежности.

    „Децата веќе се евидентирани во нашиот систем поради питачење, но сега е отворен нов предмет и денеска родителите се повикани на разговор. Ќе ги преземеме сите мерки за да утврдиме за што станува збор. Според информациите што ги добивме, родителите не дозволиле да се извршат испитувања за да се утврди од што се затруле децата. Доколку се утврди нивна одговорност ќе биде поднесена кривична пријава против нив или предлог за одземање на старателството“, изјави Мехмети.

    Во центарот на Куманово, особено околу градскиот плоштад, речиси секојдневно граѓаните гледаат малолетници кои вдишуваат лепак, и покрај бројните предупредувања за сериозните последици врз нивното здравје, оваа појава не се санкционира.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира