КАЈ ДЕВОЈКИТЕ ВАКЦИНИРАНИ ПРОТИВ ХПВ, РИЗИКОТ ОД СМРТ ОД РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА Е РЕЧИСИ НУЛА

    КАЈ ДЕВОЈКИТЕ ВАКЦИНИРАНИ ПРОТИВ ХПВ, РИЗИКОТ ОД СМРТ ОД РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА Е РЕЧИСИ НУЛАБројот на смртни случаи во Англија значително се намалил откако вакцината почнала да им се нуди на девојчињата од училишна возраст во 2008, а благодарение на неа досега биле спасени околу 200 животи. (Фото: СДК.МК)

    Децата кои биле вакцинирани против ХПВ (хуман папилома вирус) на возраст од 12 до 13 години имаат речиси нула ризик да починат од рак на грлото на матката пред да наполнат 30 години, покажува ново значајно истражување во Англија.

    Првата студија од ваков вид открива дека бројот на смртни случаи значително се намалил откако вакцината почнала да им се нуди на девојчињата од училишна возраст во 2008, а благодарение на неа досега биле спасени околу 200 животи во Англија.

    Во периодот од 2020 до 2024 година не бил регистриран ниту еден смртен случај од рак на грлото на матката кај жени на возраст од 20 до 24 години – првпат вакво нешто да се случи во текот на петгодишен период. Без вакцинација, се очекувало да има околу 23 смртни случаи.

    „Неверојатно е да се помисли дека една единствена инјекција може речиси целосно да елиминира одреден вид рак“, изјави професорот Питер Сасиени, главен истражувач од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон.

    И покрај тоа, ракот на грлото на матката и понатаму е 14. најчест вид рак кај жените во Обединетото Кралство, при што секоја година се дијагностицира кај околу 3.300 лица.

    Се смета дека ХПВ- вирусот е причина за 99 проценти од овие случаи. Повеќето инфекции со ХПВ исчезнуваат без да предизвикаат проблеми, но некои можат да доведат до абнормални промени на клетките, кои по повеќе години можат да се развијат во рак.

    Авторите на извештајот очекуваат бројот на смртни случаи од ова заболување да продолжи да се намалува како што сѐ повеќе луѓе примаат вакцина против ХПВ, а вакцинираните генерации стареат.

    Од организацијата „Кaнсер рисрч УК“ која го финансирала истражувањето, резултатите ги оценија како „неверојатна пресвртница“, но предупредија дека стапките на вакцинација во Англија се пониски од препорачаните нивоа.

    „Знаеме дека вакцината против ХПВ е исклучително ефикасна во спречувањето на ракот на грлото на матката уште пред да се појави, а овие резултати за првпат покажуваат дека таа навистина спасува животи“, изјави извршната директорка на организацијата, Мишел Мичел.

    Можеби ќе ве интересира и ова:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира