СЕ РУШИ И ГЛАВНАТА ТРИБИНА ЗАРАДИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ГРАДСКИОТ СТАДИОН ВО ТЕТОВО ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА ШТО ПОЧНА ВО 2024

    СЕ РУШИ И ГЛАВНАТА ТРИБИНА ЗАРАДИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ГРАДСКИОТ СТАДИОН ВО ТЕТОВО ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА ШТО ПОЧНА ВО 2024Реконструкцијата на стадионот почна во април 2024, а освен главната, останатите трибини веќе се срушени и делумно изградени. (Фото: СДК.МК)

    Во рамки на реконструкцијата на Градскиот стадион во Тетово, почна да се руши и главната трибина. Останатите трибини веќе се срушени и делумно изградени. Работите за реконструкцијата на Градскиот стадион ја врши Општина Тетово, а градоначалникот Билал Касами вели дека градот ќе добие модерен спортски објект.

    „Се работи на модерен стадион, по стандарди на УЕФА, кој на Тетово ќе му ја донесе спортската инфраструктура што ја заслужува“, рече Касами.

    Реконструкцијата на стадионот почна во април 2024. Тогаш, градоначалникот Касами тогаш самиот се качи на багерот и започна со рушењето на источната трибина.

    Во ноември 2023, Општина Тетово преку јавното претпријатие „Тетово транспорт“, кое тогаш беше, а и сега е во загуби, распиша тендер по што склучи и договор со фирмата-изведувач во март 2024. Реконструкцијата чини 600 милиони денари (околу 10 милиони евра).

    Градскиот стадион е изграден во почетокот на 1980-тите години, кога фудбалската екипа на „Тетекс“ го оствари својот најголем успех и влезе во Првата фудбалска лига на Југославија. Стадионот беше изграден во рекордно време, спаѓаше во редот на најмодерните фудбалски објекти во тогашна Југославија, а имаше капацитет од над 20.000 гледачи. Останува нејасно зошто мораше до темел да се руши овој убав стадион наместо со многу помали средства да се реконструира во делот на трибините.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира