Во три одделни случаи изминативе два дена, пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Битолско подигнале неексплодирани гранати кои потекнуваат од Првата светска војна, соопшти полицијата. Во сите три случаи станува збор за артилериска граната со калибар од 75мм.
Според полициските билтени, на 19 јуни во 9 часот во Полициското одделение Новаци, од „Комунална хигиена“ во Општина Новаци е пријавено дека во селото, додека извршувале работни задачи, била пронајдена неексплодирана граната, која е безбедно подигната од ДЗС.
На 18 јуни околу 12:30 часот во СВР Битола, 55-годишен жител на село Крклино, Битолско, пријавил дека при вршење земјоделски работи во неговиот двор пронашол неексплодирана граната. Еден час подоцна, во 13:40 часот во СВР Битола, полициски службеници од патролен тим во село Меџитлија, Битолско, пронашле неексплодирана граната.
Во обата случаи грантите безбедно ги подигнал пиротехничар од ДЗС.
Битола е ризично подрачје за пронаоѓање бомби од Првата светска војна. Количина од 12.300 гранати пред пет години беше откриена кај стадионот во Битола. Беа отстранети и уништетни. Ова е последица на тоа што Битола била на линијата на фронтот во Првата светска војна и градот многу пати бил бомбардиран.
Во април годинава, при ископ на приватна парцела сместена во поранешната касарна во Битола беа откриени 1. 067 неексплодирани убиствени средства од Првата светска војна – рачни бомби, минофрлачки гранати 60 мм и гранати 50 мм кои се поставуваат на тромблон.
Пиротехничарот Ѓорги Стефанов од ДЗС кој сам ги откопуваше вели дека има уште голема количина која треба да се откопа, но му треба помош, анема доволно кадар.
Во Македонија останаа само уште двајца пиротехничари, кои мора да ја покријат цела територија во зависност од повиците за откопување бомби што ги добиваат. Претходно имаше обуки од американски експерти, но со укинувањето на помошта и фондовите од САД, обуките се укинаа. Во меѓувреме, дел од пиротехничарите се пензионираа.Македонските пиротехничари се вработени во Дирекцијата за заштита и спасување и ги има во Скопје, Струмица, Кичево, Куманово, Штип, Тетово, Битола, формирани како единица се во 2005.



