РЕШЕН Е ПРОБЛЕМОТ СО ПРИВАТНАТА ПАРЦЕЛА КАЈ ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ПО 13 ГОДИНИ ГОЛГОТА, КОНЗЕРВАЦИЈАТА ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНА ВО НАЈКРАТОК РОК, РЕЧЕ ЉУТКОВ

    РЕШЕН Е ПРОБЛЕМОТ СО ПРИВАТНАТА ПАРЦЕЛА КАЈ ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ПО 13 ГОДИНИ ГОЛГОТА, КОНЗЕРВАЦИЈАТА ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНА ВО НАЈКРАТОК РОК, РЕЧЕ ЉУТКОВНајден сопственикот на приватната парцела со која граничи црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа, и тој дал согласност трајно да ја користат, па може да се продолжи со конзервација и рестварација на ова првокласно културно наследство, рече Љутков. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изјави дека е најден сопственикот на приватната парцела со која граничи црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа, и тој дал согласност трајно да ја користат, па може да се продолжи со конзервација и рестварација на ова првокласно културно наследство.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 26 март 2026објави дека поради необезбедената согласност од приватните сопственици на парцелата, со која граничи едниот ѕид од црквата, не можеше да се постави заштитна настрешница на црквата во Курбиново, еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот, познат и како македонската „Мона Лиза“. На приватниот имот е и целиот сегашен приод кон црквата: скалите, паркингот, како и горниот дел на асфалтниот пат, а земјиштето досега не беше експроприрано. Поради ова, Управата за заштита на културното наследство имаше одбиено да издаде конзерваторско одобрение за да се изведат преостанатите конзерваторски зафати на надворешниот дел од црквата. Министерот Љутков при посетата на Курбиново на 20 април најави дека во најкус можен рок ќе најдат решение.

    „Го решеивме проблемот, како што ветив. Откако ја дадов задачата, во рок од две недели ги обезбедивме потребните дозволи, го најдовме сопственикот, ни даде согласност да можеме трајно да ја користиме. Сега документите се во Управата за заштита на културно наследство и веднаш по обезбедената дозола продолжуваме со работа во Курбиново. По 13 години голгота и потрошени средства, конечно го најдовме решението и продолжуваме со работа, во најкраток рок ќе биде завршен тој објект“, рече Љутков при денешната работна посета на Битола.

    Во црквата „Свети Ѓорѓи“ треба да се продолжи со конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и ѕидното сликарство однадвор на објектот. Внатрешната реставрација и конзервација на храмот и фрескоживописот, преку соработка на Завод и музеј – Битола со експерти од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција, беше завршена во периодот на ексминистерка Бисера Костадиновска-Стојчевска и поранешната директорка на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова.

    Поради зафатите што треба да се направат од надворешната страна, електрификацијата и обезбедување на лице домаќин, храмот уште не е отворен за редовни посети.

    Овој црковен бисер, изграден во 1191, поради живописот со особените сликарски остварувања е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12. век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    Љутков денеска во Битола го посети и старото кино „Партизан“ кое се реконструира во модерен културен центар и рече дека реконструкцијата е во напредна фаза, динамиката оди многу добро, обезбедени се околу 94 милиони денари (околу 712.000 евра), па објектот ќе биде завршен и пуштен во употреба до крајот на 2027 година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира