ДОЖДОТ ЈА РАЗОРА „ДЕБАРСКА“ ВО БИТОЛА, ЖИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ УЛИЦАТА СО МЕСЕЦИ БЕШЕ ПОЛНА СО ДУПКИ

    ДОЖДОТ ЈА РАЗОРА „ДЕБАРСКА“ ВО БИТОЛА, ЖИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ УЛИЦАТА СО МЕСЕЦИ БЕШЕ ПОЛНА СО ДУПКИПод дождот буквално се распадна асфалтот, излегоа крпениците кои со години беа правени, а се откорнаа големи делови. (Фото: СДК.МК)

    Големи плочи асфалт, долги и широки по еден метар, ископа вчера силниот дожд во делови од улицата Дебарска во Битола, на која и претходно имаше големи улични дупки кои со месеци не беа закрпени.

    „Под дождот буквално се распадна асфалтот, излегоа крпениците кои со години беа правени. Се откорнаа големи делови. Некаде и асфалтот е кренат. А дупките сега се долги и по неколку метри. Не е ни чудо, зашто дупките низ улицата беа толку големи што во последно време прераснуваа во депонии со ѓубре. Шахтите беа зафатени со смет“, велат жители од улицата.

    Погодениот дел од Дебарска е токму во близина на улицата Козара, која повеќе од година уште не е асфалтирана, па додека трае нејзината обнова, дел од сообраќајниот притисок го трпат улиците Дебарска и Димитар Влахов, каде има големи дупки.

    Ова е улицата за која САКАМДАКАЖАМ.МК во изминатите години објавуваше дека често при врнежите од дожд се поплавува од надојдената вода како да е река. Но, и потоа имаше нечисти шахти.

    Од независната граѓанска иницијатива Поинаку, по ова објавија: „Со трибини и концерти во Офицерски, град не се гради! Резултатот на одделување милионски суми за култура е ова! Резултатот на клај ‘3 сантими место 15, ти е гајле, наш е надзоро’, е ова! Резултатот на ‘не можиме да ги тераме да чистат шахти, од партија ни се’, е ова!“

    Градоначалникот Тони Коњановски на неговиот фејсбук-профил објави дека после силното невреме кое синоќа ја зафати Битола и околината со над наврнати 40 литри дожд на метар квадратен, екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“ и „Комуналец“ со својата оператива се на терен во санирање на штетите.

    „Силните и интензивни врнежи помеѓу 22.00 и 01.00 часот направија оштетување на коловозот во дел од населбите Баир, Бадембалари, на улиците Дебарска, Бихаќ и Караорман. Дел од оперативата работи и на потегот Кравари и Бистрица. Заедно со директорите сум на терен со цел координирање и санирање на состојбите“, напиша Коњановски.

    За состојбите со Дебарска, која подолго време не беше санирана, од Општина ни рекоа дека ќе ни одговорат во текот на денот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира