МАКЕДОНИЈА ДОБИ ПРИСТАП ДО 4,4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОД ФОНДОВИТЕ ЗА ЗДРАВСТВО НА ЕУ

    МАКЕДОНИЈА ДОБИ ПРИСТАП ДО 4,4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОД ФОНДОВИТЕ ЗА ЗДРАВСТВО НА ЕУПрограмата отвора можности за развој на проекти во областа на дигитално здравство, превенција и рана детекција на болести, скрининг програмите, онкологија, кардиоваскуларно здравје, ментално здравје, подготвеност за здравствени кризи, пристапот до лекови и медицински производи, како и за јакнење на здравствениот кадар (Фото: СДК.МК)

    Македонија доби пристап до фондовите за здравство од 4,4 милијарди евра на Европската Унија (ЕУ). Министерот за здравство, Азир Алиу денеска кажа дека потпишувањето на Договорот за учество на Македонија во програмата „ЕУ фор хелт“ (EU4Health) е значаен чекор кон натамошно приближување на македонскиот здравствен систем до европските стандарди и политики.

    Програмата отвора можности за развој на проекти во областа на дигитално здравство, превенција и рана детекција на болести, скрининг-програмите, онкологија, кардиоваскуларно здравје, ментално здравје, подготвеност за здравствени кризи, пристапот до лекови и медицински производи, како и за јакнење на здравствениот кадар.

    „Со потпишувањето на Договорот во Брисел направивме важен исчекор за македонското здравство. Станува збор за најголемата програма на Европската Унија во областа на здравството. Пристапувањето на нашата држава претставува силна потврда за европската перспектива на земјата и за довербата во реформите што ги спроведуваме“, кажа министерот Алиу.

    Програмата располага со оперативен буџет од 4,4 милијарди евра и претставува најголемата инвестиција на Европската Унија во здравството. Со пристапувањето кон програмата, Македонија добива можност активно да учествува во европски повици, грантови, јавни набавки, заеднички акции и партнерства со институции од земјите членки и државите учеснички.

    „Договорот предвидува ослободување од ДДВ, царини и други фискални давачки за добра и услуги финансирани преку програмата. Тоа е важно бидејќи европските средства треба во најголема можна мера да бидат насочени кон реализација на проекти од јавен интерес и кон подобрување на здравствените услуги за граѓаните“, додаде Алиу.

    Министерот кажа дека веднаш почнуваат со мапирање на потенцијалните корисници и подготовка на институциите за учество во европските повици.

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира