КАЗИНАТА И КЛАДИЛНИЦИТЕ МОРА ДА СЕ ОДДАЛЕЧЕНИ НАЈМАЛКУ 500 МЕТРИ ОД ШКОЛИТЕ, УСВОЕН НОВИОТ ЗАКОН ЗА ИГРИ НА СРЕЌА

    КАЗИНАТА И КЛАДИЛНИЦИТЕ МОРА ДА СЕ ОДДАЛЕЧЕНИ НАЈМАЛКУ 500 МЕТРИ ОД ШКОЛИТЕ, УСВОЕН НОВИОТ ЗАКОН ЗА ИГРИ НА СРЕЌАЗа првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами; - Од протестите против казината и кладилниците блиску до школите во Тетово. (Архивска фотоафија)

    Собранието денеска го усвои новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, со кој се воспоставува значително појасна и построга регулаторна рамка за целиот сектор, соопшти Министерството за финансии. Со законските измени, прво се предвидува засилена контрола и надзор врз приредувањето на игрите на среќа заради намалување на сивата економија и спречување на финансиски злоупотреби. Новина е и воведувањето задолжителна оддалеченост од најмалку 500 метри помеѓу објектите за игри на среќа и основните и средните училишта, што се оценува како мерка за заштита на младите.

    Нејасно е како ќе се спроведе оваа одредба, со оглед дека во многу градови во земјава, па и во центарот на главниот град, казината и кладилниците се речиси спроти основни школи и градинки.

    Од Министерството велат дека законот е усогласен и со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам.

    Една од новините се однесува на регулирањето активности за наградни игри, за кои отсега ќе биде потребна дозвола за приредување и плаќање соодветна давачка. Со законот се уредува и дека правото на приредување лотариски игри, како и електронските и интернет игрите на среќа, ќе биде во надлежност на државата, која ќе ги организира преку трговско друштво во државна сопственост.

    Во делот на сопственичката и управувачката структура, се воведуваат критериуми за стандардот „способен и соодветен“ (fit and proper), регулаторен стандард кој најчесто се користи во банкарството, финансиите и правото и со него се проценува дали одредено лице е соодветно и квалификувано да извршува висока функција во некоја компанија, со кој членовите на управните органи, содружниците и поврзаните лица ќе мора да исполнуваат услови за интегритет и соодветност.

    Исто така законот забранува надворешно рекламирање, вклучително и светлечки реклами и реклами, а се забранува и поттикнување учество на малолетници или пак содржина која ги поврзува игрите на среќа со решавање лични или социјални проблеми.

    „Посебен акцент е ставен и на регулирањето на рекламирањето на игрите на среќа. За првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами. Истовремено, се забранува рекламирање кое создава впечаток дека игрите на среќа се средство за финансиски успех, решение за лични или социјални проблеми или кое директно или индиректно ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив“, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

    Финансиската поддршка за ранливите категории продолжува, при што средства во износ од 60 до 120 милиони денари ќе бидат насочени кон: националните инвалидски организации и нивните здруженија, здруженија на граѓани за борба против семејното насилство, Црвениот крст.

    Агенцијата за филм ќе добива 3% од давачките, според моделот на финансирање на македонската кинематографија.

    Се воведуваат и нови правила за отворање деловни простории, со кои се ограничува можноста за добивање повеќе лиценци со ист основен капитал, односно за секоја дополнителна лиценца ќе биде потребно зголемување на капиталот.

    „Во делот на инспекцискиот надзор и прекршоците се прошируваат основите за одземање лиценци и дозволи, а се зголемува и висината на глобите за сторените прекршоци, со што се овозможува поефикасно санкционирање на незаконското работење“, соопшти Министерството.

    Според Министерството за финансии, новиот закон треба да придонесе за поголема правна сигурност, подобра заштита на граѓаните и поефикасна борба против нелегалното приредување игри на среќа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира